Адреса

Карпош Војвода Бр. 33 Охрид

Контакт

По состанокот со претседателите на владите на земјите од Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот на Албанија, Еди Рама, одржаа заедничка прес-конференција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Меркел и Рама се фокусираа во прашањата во врска со Берлинскиот процес, процесот на европската интеграција и процесот на регионалната соработка.

Премиерот на Албанија, Рама, говорејќи за Берлинскиот процес рече дека најголемото постигнување на овој процес е поставување на духот на соработка, интеракции и чувство за заедничка иднина.

Тој нагласи дека иницијативата „Отворен Балкан“ е ништо повеќе од алатка на регионот за да се имплементира во Берлинскиот процес.

Рама истакна дека денес Западниот Балкан е уште поубаво место од тоа што беше пред Меркел да го започне Берлинскиот процес.

„Ангела Меркел ќе му недостига на овој регион. Денес е еден момент кога сите ние сме свесни, било за тоа што направила канцеларката, било за вакуумот што таа го остава. Без канцеларката Меркел, Балканот нема да беше ист како што е денес, ниту Европа нема да беше како што е денес“, додаде Рама.

– „Албанија и Северна Македонија ги исполнија условите за започнување на преговорите“ –

Германската канцеларка Меркел нагласи дека уште понатаму може да ја прошират соработката со Албанија.

„Верувам дека Албанија и Северна Македонија ги исполнија утврдените услови за започнување на преговорите за членство. За жал, тоа не се случи за време на германското претседавање на Советот поради ветото на Бугарија, но ние исто така ветивме дека ќе стоиме покрај овој процес бидејќи во него навистина е инвестирана голема енергија“, рече Меркел, говорејќи за процесот на европска интеграција.

Таа нагласи дека Берлинскиот процес не е замена за членство во ЕУ. Според неа, преговорите за членство на секоја од земјите ќе се реализираат и земјите имаат различни статуси во врска со прогресот на интеграцијата во ЕУ.

„Процесот на соработка на регионално ниво е нешто друго, и е идеја која е прифатена од страна на ЕУ или германската гледна точка. Јас го поздравувам тоа и се надевам да продолжи во оваа насока“, истакна таа.

Инаку, Меркел за време на посетата се сретна и со претседателите на владите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, при што беше разговарано во врска со прашањата за регионална соработка.

На почетокот на посетата, Рама и Меркел одржаа тет-а-тет средба, по што се одржа и билатерална средба меѓу делегациите, во чии рамки беше дискутирано за прашањата за економската политика и билатералните односи меѓу Албанија и Германија, но и за прашањата во врска со приближување кон Европската Унија (ЕУ).

извор: Агенција Анадолија (АА).