Адреса

Карпош Војвода Бр. 33 Охрид

Контакт

Кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска денеска ги презентираше осумте столба врз кои ќе ја гради визијата за Скопје и побара поддршка за да се подобри сегашната слика на градот.

– Градот Скопје не е политика, градот Скопје е наше секојдневие и тој може да биде поубаво место. Затоа ве повикувам, време е да се отпочне ново поглавје. На Скопје му треба промена. Бидете и вие дел од таа промена – рече таа.

Арсовска и детално ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје и кои се произлезени од моменталните проблеми и недостатоци во функционирањето на градот.

– Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани. Скопје мора да биде дигитализиран град. Скопје мора да има многу повеќе зеленило. Скопје мора да биде град со среден и функционален сообраќај. Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Скопје мора да ја врати солидарноста и хуманоста и да се посвети на своите граѓани. Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. Скопје мора да биде град за сите – објасни Арсовска.

Според неа, отворен град значи да има 100% транспарентност и нула толеранција за корупција.

Мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните. Отворена канцеларија за граѓаните која ќе работи 24 часа секој ден. Омбудсман за транспарентност и задолжителен ветинг на директорите на јавните претпријатија и раководители на сектори.

Столбот „Зелено Скопје“ предвидува 5 нови мега паркови, секоја година да се засадат по 100.000 нови дрвја, заштита на Водно со закон. Пешачки зони во општините, како и „зони за живеење“, каде што пешаците и велосипедистите да имаат приоритет пред автомобилите. Чистење на дивите депонии во првите 82 дена од мандатот. 250 еколошки автобуси и олеснување на пристапот до јавниот превоз, конечна реализација на гасификацијата. Зелена линија на која граѓаните ќе може да пријават загадување, а инспекциските или интервентните тимови ќе преземат акција веднаш.

„Мобилно Скопје“ значи не само бесплатен јавен превоз туку и реконструкција на важните крстосници и изградба на нови булевари.

– Ќе отвориме нов тренинг центар за информациска технологија во Аеродром. Мораме да го поддржиме овој потенцијал за младите да останат тука, да не заминуваат – нагласи таа.

Секој месец по еден фестивал, 12 фестивали годишно.

– Живописно Скопје за да бидеме Европски главен град на културата. Скопје мора да ја заживее културната сцена, со поддршка за независните уметници и музичари и подобрување на инфраструктурата на објектите од културата е основно за да го направиме Скопје повторно центар на културата. Скопје ќе биде град на настани и фестивали, со возобновување на традиционалните, но и со воведување нови, точно 12 големи фестивали годишно, по еден за секој месец во годината. Воедно со специјална програма за ревитализација, Старата Чаршија ќе го врати својот сјај – вети Арсовска.

Во столбот „Солидарно Скопје“, Арсовска ветува дека Градот ќе воспостави неделна услуга за доставување и помош за стари и изнемоштени лица и за лица со инвалидитет и ограничена подвижност. Безбедни куќи за жените и специјална апликација за итна поддршка во случај на семејно насилство.

Нова гимназија, нови објекти за дел од постоечките средни училишта, нова библиотека и читални. Приоритет е зелен спортски кеј во должина од 40 километри од Ѓорче Петров до Долно Лисиче со спортски содржини за сите генерации од двете страни на реката Вардар.

Една од клучните заложби на Арсовска е изедначен пристап и развој на секој дел од Скопје и без заборавена општина или населено место.

– Скопје е еден град за сите. Урбаниот развој на Скопје, со години, беше фокусиран само на развој на централните делови на градот, додека подалечните населби беа заборавени и тие имаат еднакво право на модерна инфраструктура. Ќе започнеме програма за модернизација и ревитализација за запоставените населби и села – рече Арсовска.