Адреса

Карпош Војвода Бр. 33 Охрид

Контакт

Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево почна новата средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Пред почетокот на средбата премиерот Заев не сакаше да коментира ништо, и најави дека по нејзиното одржување ќе следи соопштение.

-Не може да кажеме ништо пред да се одржи средбата, рече кусо Заев во одговор на новинарско прашање за коментар за барањата на Алтернатива за влез во Владата.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши пред одржувањето на средбата посочи дека определба на партијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и како што рече, да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ.

-Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне, рече Гаши.

Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, претседателот на Алтернатива посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.

-Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата, рече Гаши.

Тој вели дека партијата останува на ставот дека во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.

Премиерот Заев на средбата со Гаши е придружуван од Ковачевски, а лидерот на Алтернатива од партискиот генерален секретар Беким Сали.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.