Адреса

Карпош Војвода Бр. 33 Охрид

Контакт

Американецот Давид Бенет (57) е човекот врз кого беше изведена револуционерна операција, и му беше вградено генетски модифицирано срце од свиња. Операцијата го предизвика светското внимание, бидејќи доколку се покаже како успешна, ќе се дојде до чекор поблизу до решавање на проблемот со недостиг на човечки органи, и многу животи ќе бидат спасени.

За Бенет, чија операција ја изведе тим од Медицинскиот универзитет на Мериленд, и кој закрепнувал добро, се пишува во целиот свет. Но, „Вашингтон Пост“ објави и друга страна на приказната, која покрена низа на прашања, околу тоа кој би требало да има предност на лекување, откако се обелоденија детали од минатото на Бенет.

Имено, како што раскажала за американскиот медиум Лесли Шумакер Дауни, кога го прочитала името на човекот кој го добил свинското срце, останала во шок и без малку не паднала во несвест.

-Ми стигна порака од ќерка ми, со линк од приказната за човекот кому му било трансплантирано срцето од свиња. И одговорив, тоа е голем напредок за науката, а веднаш потоа таа ми се јави.

-Мамо, прочитај го името на човекот!, ми рече.

Се вкочанив. Човекот кој е наречен пионер на медицината е истиот тој, кој во 1988 година беше осуден на затворска казна, бидејќи седум пати го прободе мојот син Едвард со нож. Од повредите син ми остана парализиран. Наредните 19 години ги помина во инвалидска количка, а во 2005 година доживеа мозочен удар. Во 2007 година почина, пред да го дочека својот 41 роденден.

Додека Бенет по излегувањето од затворот продолжи да си живее мирен и угоден живот, мојот син патеше. Целото семејство со години минуваше низ траума, сите моравме да се носиме со она што Бенет го направи. Сега дури и добил нова шанса, со новото срце, но според нас, таа шанса требало да му се даде на некој друг, кој ја заслужил – раскажува Лесли.

Нејзината приказна покрена многу дискусии во кои се поставува отворено прашање, дали лица кои биле осудени за насилни злосторства, треба да добијат предност при трансплантација, пред стотици други луѓе на кои очајно им е потребен орган.

Артур Каплан, професор по биоетика од њујоршкиот универзитет, за „Вашингтон пост“ појаснува дека основно начело во медицината е да се лекува секој кој е болен, без оглед на неговото минато.

-Ние не се занимаваме со одвојување на грешници од светци. Со злосторствата нека се занимава правната струка. Казнено-правниот систем ја изрекува казната на осудените за кривични дела. Скратување на медицински услуги не е дел од таа казна-појаснува.

Од Медицинскиот универзитет на Мериленд, каде е извршена трансплантацијата, одбиле да одговорат дали знаеле за криминалното минато на Бенет.

-Должност на болницата е да пружат нега која спасува животи на пациенти кои ќе дојдат на врата, врз темел на медицинските потреби, а не врз нивното минато или животни околности, во писмена изјава порачале од универзитетот.

fokus.mk