Костадинов: СТОП ЗА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

0
415

Колумна на Перо Костадинов: СТОП ЗА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Веќе подолг период, како граѓани сме сведоци на неколку ретроградни процеси за нашата држава, неспоива поделба во општеството по неколку основи и центри во јавниот простор кои истата ја мултиплицираат и продлабочуваат. Се работи за процеси кои колуминираат, траат предолго и ги радикализираат односите во државата.

Поларизацијата во општеството го разградува севкупниот напредок и ја нарушува благосостојбата на граѓаните. Овде особено сакам да ja нагласам поделбата пропратена со нерационална омраза на јавниот простор, преку дебатни емисии, отворени програми и се разбира на социјалните мрежи како најмасовна алатка за комуникација.

Омразата е евидентна, длабоко вкоренета и тешко поднослива. Истата, нанесува исклучителна штета на личната, социјалната и националната благосостојба. Сведоци сме на секојдневно обвинување на цела група луѓе, по различен основ, повици за нивен линч и максимално отровен јазик кон различниот од себе. Сето тоа, без грижа за последиците, без желба да се разбере другиот и со неверојатна леснотија и неодговорност кон изговорениот збор.

Нетолеранцијата, агресијата и говорот на омраза се доминантна појава на социјалните мрежи, а најголеми иницијатори на овој вид комуникација се неодговорните политичари, некои медиуми, а особено некои од порталите, како и останатите креатори на јавно мислење преку начинот на јавно изразување ставови и најчесто свесно поттикнување говор на омраза и агресивно однесување во јавноста. Како последица на ова го имаме ширењето на омраза и агресијата во онлајн дискусиите на социјалните мрежи и медиумските сајтови.

Она што е особено загрижуважчко, е фактот што дел од медиумите и дел од политичарите ефикасно ја привлекуваат публиката со ваквиот начин на комуникација, а истовремено го зголемуваат и прагот на толеранција во јавниот дискурс, кон ново дно. Чувството на омраза, непријателство и нетрпеливост кои се поттикнати од овие центри, не само што предизвикуваат агресивни коментари, туку се опасност да доведат до агресивно однесување и непоправливи последици. Некои медиуми, а посебно некои портали поттикнуваат говор на омраза поради можноста преку истиот брзо да заработат. Креираат вести за голем број кликови и на тој начин се обидуваат да профитираат, но и да имаат влијание. Истото се случува и со одредени политичари, само од други побуди. Некои политичари преку истиот проверен концепт, потпалуваат пошироки маси, јакнат влијание и го користат како алатка за доаѓање на власт.

Опозицициските партии и денес го користат овој метод и го продлабочуваат раздорот на националното ткиво, како алатка за доаѓање на власт. Патот до изборна победа не смее да биде втемелен на разградување на единството и вбризгување отровен антагонизам меѓу граѓаните. Лидери се оние кои обединуваат, подаваат рака на секој човек и посветено работат на заедништвото и севкупниот просперитет.

Се разбира дека има и такви кои тоа го прават несвесно, поради незнаење, од непрофесионализам или неодговорност. Но, и при такви околности, последиците по кредибилноста на двете професии, како и по целокупното општество се енормни и неретко непоправливи.

Неопходно е да ставиме точка на ова појава која разорува и конечно да го заштитиме здравото ткиво на нацијата. Одговорноста е на сите граѓани, но особено на креаторите на политики и информации. Мора што побрзо да се спротиставиме, системски да се соочиме и конечно да ги зауздиме трендовите кои се со сомнително потекло и финансирање, а се разбира и со антидржавни цели.

Како луѓе пак, неопходно е да покажаме толеранција кон сечиј став и да го почитуваме различниот од нас. Ако сакаме другите да ги слушнат и разберат нашите проблеми, ние треба да ги разбереме и слушнеме нивните, треба да си ги отвориме срцата и да слушнеме како е да се биде во кожата на некој што го мразиме, да се обидеме да го разбереме и да се прифатиме во различностите.

извор: СДСМ
фото: СДСМ