Ѓоргиев: За Илинденското востание не сме разговарале во Комисијата

0
247

Важно е да останеме во процесот – ако се прекине дијалогот и ако се замрзнат разговорите со Бугарија, тоа ќе биде на наша штета, вели копретседателот во историската Комисија.

Дали некогаш македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања разговарала на темата Илинденско востание? Прашањето се наметна откако министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на Фејсбук објави дека во единствениот потпишан протокол од неговиот претходник Никола Димитров, било прифатено бугарското гледиште кон Илинденското востание и прифатена номенклатурата Илинденско-Преображенско востание. Со тоа, вели Османи, се создала рамка во која се очекува Комисијата да делува, што создава тешкотии во нивната работа, а воедно бил создаден и преседан во односите со Република Бугарија – дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата.

Изразот „Илинденско-преображенско востание“ кој се користи од страна на бугарската историографија, ги спојува под еден термин Илинденското востание од втори август 1903 година и Преображенското востание неколку седмици подоцна истата година (започнато на празникот Преображение), користејќи го како име за востанието на македонските и тракиските Бугари.

„За Илинденското востание досега не се разговарало во Комисијата“, вели Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

„Илинденското востание беше спомнато еднаш или двапати од колегите од Бугарија, како една од можните теми за разговор во иднина, во рамките на Комисијата. Но тој предлог не беше прифатен од наша страна и Илинденското востание никогаш не било тема на разговор во Комисијата. Не знам што разговарале политичарите, но ние никогаш таа тема не ја ставивме ‘на маса’, ниту пак дошла некаква сугестија од страна на политичарите да се разговара за Илинденското востание“, дециден е Ѓоргиев.

Мудрост, разум и упорност

Откако македонскиот премиер Димитар Ковачевски го оцени францускиот предлог како „неприфатлив во таква форма каков што е во моментот“, а бугарското Собрание со големо мнозинство изгласа поддршка на тој предлог со дополнителни услови, за домашната јавност остана нејасно – дали и како ќе може да работи Комисијата во таква ситуација?

„Ако продолжи дијалогот меѓу двете страни, верувам дека ќе продолжи и работата на Комисијата. Но, ако работата на Комисијата биде дел од политички преговори, тогаш нејзината работа ќе биде невозможна! Неколку пати досега реков дека работата на Комисијата мора да биде надвор од политичките преговори. Нејзината работа не смее да биде еден од условите, а уште помалку најглавен услов за напредокот на тие преговори“, потенцира Ѓоргиев.

По францускиот предлог, во домашната јавност се појавија и бројни сугестии дека треба да биде замрзната работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Ѓоргиев смета дека тоа не би било мудро решение.

„Најлошо е ако се прекине дијалогот и ако се замрзнат разговорите со Бугарија. Тоа ќе биде, пред сѐ, на штета на Македонија. Дијалогот мора да продолжи. Иако тој дијалог може да биде долг и мачен, не смееме да престанеме да ѝ ги кажуваме на Европа нашите аргументи и да ги браниме пред неа. Ако се затвориме, ако престанеме да комуницираме и ако продолжиме внатре меѓусебно да се обвинуваме, тоа ќе биде погубно за Македонија. Важно е да останеме во процесот. Имаме аргументи и знаење, ни треба само мудрост, разум и упорност. Во однос на стравот од ‘бугаризирање’ на Македонија, тоа е нереален страв создаден и наметнат од нас самите. Ние не разговараме за идентитетот. Таквата перцепција беше наметната во јавноста со политички манипулции. Ние дебатираме за историографските недоразбирања, а таквите отворени и искрени дебати можат да бидат здрави за едно општество“, вели копретседателот во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

Доколку разговорите продолжат според предвидената динамика, следната средба на историчарите од двете земји треба да се одржи кон средината на септември.

Надлежност за имплементација

Во изминатиот период македонските историчари од Комисијата се осврнаа на шпекулации во бугарски медиумиповрзани со нивната работа. Тие соопштија дека никогаш не разговарале и не усогласувале предлог текстови доставени до владите во Скопје и Софија, со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини. Текстовите кои досега се усвоени од страна на Комисијата, се предлози до двете влади за заедничко чествување на одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменици, обележја и тврдини и тие не смеат да бидат искористени за таа цел.

Но, дали Комисијата ќе има увид за каква цел ќе се користат усогласените текстови?

„Ако се постигне решение и ние пристапиме кон потпишување на протокол, треба да се знае дека протоколот не ѝ наметнува никакви ограничувања или насоки на историската Комисија што да прави таа, какви решенија да носи и кога да ги носи. Тоа што дефинираме во протоколот е – што правиме ние (Владата, н.з.) откако Комисијата ќе донесе некое решение, бидејќи Комисијата нема ниту надлежност ниту можност што било да имплементира“, изјави минатата недела министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

 

Дојче Веле