По 21 година: Рамковниот договор донесе мултиетничност, но не и подобар живот

0
326

Рамковниот договор донесе мир, поправична застапеност на заедниците во општествениот животот, но животот на граѓаните остана тежок. 21 година по неговото потпишување, соживот има, ама пари и правда нема. Според дел од аналитичарите, најголем ќар од договорот во овие две децении има ДУИ.

Кога пред 21 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, малкумина можеа да ги претпостават промените кои ќе се случат во македонското општество. Но колку навистина се промени животот на граѓаните во овој период, и што навистина донесе овој договор за земјава?

Конкретен одговор на ова нема пензионирата учителка по албански јазик Лирие Шабани, која 38 години минала во образованието. Таа се потсетува дека веднаш по Рамковниот одеднаш пораснал интересот за изучување на албанскиот јазик, па секојдневно и се јавувале Македонци кои барале помош од неа. Сега вели, ги има, ама не со интензитетот како во тој период.

Низ смеа забележува дека младите меѓусебно веќе се разбираат на англиски. Како дете од учителско семејство, таа одлично говори и македонски и албански, но е свесна дека голем дел од нејзините сонародници имаат потешкотии со јазикот на другиот. Затоа за неа образованието на мајчин јазик е голема придобивка, заедно со факултетите на албански јазик чие отворање беше силно поврзано со Рамковниот договор. Но, кога ќе се врати во времето кога таа студирала, и ќе се спореди со денешните деца, многу е разочарана.

„Создаваме функционални аналфабети“, децидна е учителката.

Рамковниот договор донесе повеќе промени во функционирањето на земјава, од воведувањето на албанскиот јазик како втор службен јазик, преку поправичната застапеност на заедниците во јавната администрација, па се до децентрализација на општините, како едно од клучните барање. Но овој процес не одеше лесно.

Рамковен договор – соживот во сиромаштија.

 

Радио Слободна Европа