Се повлекува водата во Преспанското езеро, полека езерото изумира

0
176

Широките песочни плажи на Преспанското Езеро се идеални за туристите во летните месеци, сè до оној момент кога посетителите ќе сакаат сончањето да го заменат со капење во езерските води. Тиња, алги, матни и плитки води се секојдневието на секој посетител на Преспанското Езеро, а негативната состојба со повлечените води го вклучува и алармот за тоа како преживува богатиот растителен и животински свет на ова езеро.

Според последните податоци на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од средината на јули годинава, водостојот на Преспанското Езеро кај мерната станица Наколец изнесувал 842,33 mнм и е за само осум сантиметри над апсолутниот минимум од 824,25 mнм. Во споредба со просекот на водостојот за месецот јули, нивото на Преспанското Езеро во моментов е пониско за дури 1,86 метри во однос на просечните вредности.

Повлекувањето на езерото зазема алармантни димензии, кои веќе неколку години се видливи и со голо око за самите посетители. Туризмот трпи големи штети поради намалувањето на нивото на езерските води, а концесионерите на плажите и хотелиерите секоја година гледаат како пред нивни очи исчезнува Преспанското Езеро. Најголемиот проблем пак лежи во опасноста за растителниот и животинскиот свет во езерото.

По повеќе од 12 години од потпишувањето на Договорот за заштита на Преспанскиот регион меѓу трите земји, Македонија, Грција и Албанија на почетокот од летово ги одржаа првите состаноци, на кои утврдија насоки за заедничкото одржливо управување и унапредување на Преспа. Иницијалниот состанок на комитетот на управувачкото тело на Преспа парк и на работната група за управување со водите го поздравија еколошките организации, кои оценија дека овој момент е историски за заштитата на Преспа.

Во длабинската анализа за нивото на водата на Преспанското Езеро, од Македонското еколошко друштво (МЕД) напоменуваат дека промените во водостојот на езерските води се резултат на варијации во дотокот на вода од реките и подземните води, количествата на врнежи, степенот на испарување на езерото (евапорација) и користената вода за наводнување. Три од четирите клучни фактори се поврзани директно или индиректно со влијанието на климатските промени, за што Мета.мк веќе подолг период пишува како во делот на зголемувањето на просечната температура на воздухот во земјава, така и во делот на променливиот карактер на врнежите во изминативе години.

„Од четирите споменати фактори, евапорацијата се издвојува како клучен, бидејќи таа претставува природен пуферски систем кој ги ублажува промените. Степенот на евапорација директно зависи од површината на езерската вода, која пак варира со промените во водостојот. Така, при понизок воден столб езерската површина е помала, а со тоа и површината од која може да се случи испарувањето. Следствено, изгубената вода до одреден степен се надоместува преку неминовното намалување на испарувањето при спуштено ниво на езерската вода“, се наведува во анализата на МЕД.

Анализата цитира и истражување од 2017 година на Ван дер Шрик и Гијанакопулос, во кое се укажува дека кумулативно од 1951 година најголем „виновник“ за намаленото испарување од езерото е наводнувањето, на што се должат 70 отсто од загубата, додека пак на намалените врнежи предизвикале само 30 отсто од загубата на езерските води.

И веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, во делот на активностите за надминување на состојбата со Преспанското Езеро, објавен е Извештај и анализа за состојбата со Преспанското езеро, во којшто се наведува дека апсолутно забележаниот минимален водостој бил на котата 842,75 mнм регистриран на 26 ноември 2008 година. Сепак, во реалноста, податоците на УХМР за средината на јули годинава покажуваат нов рекорден минимален водостој од 842,33 mнм, а во слична состојба беше нивото на езерските води и во текот на изминативе неколку месеци.

Оттука, се поставува прашањето колку интервенцијата на државните власти од трите соседни земји, заедно со јавната свесност што се обидуваат да ја создадат медиумите и работењето на терен на невладините организации со локалното население, можат да бидат навремени и да го спречат натамошното изумирање на Преспанското Езеро. За надминување на состојбата, изготвени се Акциски план на мерки коишто ќе треба да се спроведат во реалноста.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека ажурираниот План за управување со води во Преспанскиот слив содржи мерки за заштита со ранг од 1 до 3, но за нивна имплементација е потребен период до 6 години.

„Мерките означени со 1 се од највисока важност и потребна е итна имплементација. Мерките означени со 2 се од многу висока важност и потребна е релативно итна имплементација. Мерките означени со 3 се од висока важност, но имплементацијата треба да биде во согласност со расположливите финансии“, појаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

А за секој од трите посебни групи на мерки, ќе бидат потребни околу 17,6 милиони евра. Притоа, за мерките класифицирани во групата 1 со највисока итност на имплементација се неопходни 4,8 милиони евра.

„Оваа група главно вклучува мерки за контрола на повлекувањето на водата (иригација) и заштита од поплави, како и регулаторни мерки“, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За реализација на втората група на мерки со многу висока важност ќе бидат потребни околу 5,9 милиони евра, кои ќе бидат насочени кон контрола на ерозијата, подобрување на канализационата мрежа, заштита од поплава, земјоделски мерки, како и градење на институционалниот капацитет на релевантните власти и засегнатите страни во регионот.

За третата група на мерки означена со приоритет 3 се предвидени трошоци од околу 6,9 милиони евра, при што тука спаѓа изградбата на пречистителни станици за отпадни води за помали англомерации на населени места во регионот, мониторинг активности на Преспанскиот слив, пошироко градење на капацитетите на фармерите, подобрување на системот за собирање на отпад, како и активности поврзани со имплементација на постојната легислатива и регулатива.

Инаку, македонската влада на 15 јуни 2021 година ја донесе одлуката за формирање на Комисија за следење на спроведувањето на мерките од Акцискиот план за Преспанско Езеро, која што како приоритетни активности за реализација од Акцискиот план ги предложи надградбата и континуираниот мониторинг на националната мониторинг мрежа во сливот на Преспанското и Охридското Езeро за хидрологија на површински води, хидрологија на подземни води и метеорологија; изработката на Студија за Биланс на води за Преспанското Езеро со најновите достапни податоци (1951-2020) и на Студија за утврдување на влијанието од загубите на вода врз биолошката разновидност и дефинирање на индикаторски видови за следење на ефективноста од спроведените мерки за подобрување на состојбата како последица од загубите на вода.

Комисијата досега предложила и спроведување на истраги за истекување на вода низ карстниот масив на Галичица вклучувајќи и примена на методи со изотопи за движење на водата, но и мерки за зајакнување на институционалните капацитети во областа на води и природа, со посебен акцент на мониторингот.

 

meta.mk