Мелничарите предупредуваат: Лебот уште ќе поскапува, а ако Владата не помогне ќе останеме без леб

0
163

По лавината реакции во јавноста околу поскапувањето на лебот, мелничарите велат дека и сегашната цена не е доволно висока доколку се земат предвид сите зголемени трошоци. Тие предупредуват дека ако Владата не им помогне, можно е да дојде до целосно колабирање на дејноста и населението да остане без леб.

Како што истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, пекарниците се соочуваат со загуби и со недостиг на средства да ги обноват залихите навреме, а ќе бидат приморани да вршат и уште поголеми набавки од странство, по повисоки цени, зашто жетвата на домашната пченица потфрлила и во квантитет и во квалитет.

Малишиќ апелира до вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, Владата да се потруди да ја изрегулира цената на електричната енергија за индустријата како што прават другите држави – со фиксирана цена или како во Србија – со загарантирана цена за индустријата со 72 евра за мегават час, како и да овозможат регулирани и евтини цени за гасот и другите енергенси.

Мелничарите имаат и уште еден предлог за кој засега, немаат согласност од Владата – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022. Малишиќ објаснува дека целта на ваквата мерка е поттик за земјоделците да посеат повеќе лебно жито во октомври и ноември, со поквалитетен семенски материјал и подобри ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.

Се додека како една од најважните индустрии за прехрана на населението сме оставени сами да се бориме со цените на електричната енергија и енергенсите, без помош од Владата, ние ќе одиме во загуби и ќе се соочиме со престанок на дејноста и што е најстрашно, ќе го оставиме населението без леб – потенцира Малишиќ.

извор: МИА

фото: Архива