Разговорот на лидерите на Србија и Косово започна во Брисел

0
235

Состанокот на високо ниво меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, започна во седиштето на дипломатската служба на ЕУ во Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).

Преговорите – официјално наречени Дијалог Белград – Приштина под посредство на ЕУ — беа свикани од шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по тензиите на границата претходно овој месец.

„Изминатите тензии на северот на Косово уште еднаш покажаа дека е време да се тргне напред кон целосна нормализација“, напиша Борел на Твитер, најавувајќи го почетокот на состанокот.

Тој истакна дека очекува „двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да се најде заедничко решение“.

Во средата навечер, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово – Србија, Мирослав Лајчак, се сретна со Вучиќ и Курти.

Претходно во средата, Вучиќ и Курти, исто така, одржаа одвоени разговори со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој ги повика лидерите да покажат воздржаност и да „избегнат бескорисна реторика“ за да се спречи ескалација на тензиите.

Столтенберг побара Вучиќ и Курти да се вклучат во конструктивен разговор во дијалогот олеснет од ЕУ, истакнувајќи дека тоа е вистинскиот начин да се најде решение за двете заедници.

Тензиите помеѓу Србија и Косово се зголемија на почетокот на овој месец поради планираното спроведување на новиот закон од страна на Косово, според кој, задолжително сите, вклучително Србите кои живеат во Косово, треба да имаат косовска лична карта и регистарска табличка.

Косово, сепак, ги одложи новите мерки до 1 септември.

Започнат во 2011 година, Дијалогот Белград – Приштина под посредство на ЕУ има за цел да ги олесни односите меѓу соседите на Западниот Балкан.

Последниот состанок на високо ниво со учество на Курти и Вучиќ се одржа на 15 јуни 2021 година.

Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година, по што повеќето земји членки на ОН, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Туркије го признаа за посебна автономна земја од нејзиниот сосед.

Србија продолжи да го гледа Косово како нејзина територија.

 

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).