Полициски командир осуден на четири и пол години затвор за дрога

0
260

Четири години и шест месеци затвор за обвинет за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и одржани судски рочишта, на кои беа изведени предложените докази, во Основниот кривичен суд Скопје беше објавена осудителна пресуда за К. С., командир на ПС, обвинет за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од чл. 215 ст. 3 в.в. со ст. 1 од Кривичниот законик.

На обвинетиот за кој Обвинителството докажа дека го сторил кривичното дело што му става на товар судот му изрече казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци.

Aкцијата беше реализирана во април минатата година во соработка со Американската агенција за борба против наркотоци – ДЕА по што надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица осомничени дека сториле кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по чл. 215 ст. 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на истражната постапка петмина обвинети склучија спогодба со јавниот обвинител и притоа правосилно се осудени на ефективни казни затвор во траење по 5 години за Д. Ј. и А. У. и по 3 години и 6 месеци за М. З., М. С. и Г. К.

Д. Ј. и А. У. на почетокот на април 2021 година договориле зделка со НН-лице од Р. Грција, па неовластено, заради продажба, набавиле наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199,444 килограми, која ја држеле на непозната локација.

Кога Д. Ј. пронашол потенцијални купувачи на наркотичната дрога, со обвинетиот А. У. ги договорил деталите за примопредавањето на дрогата и се упатил кон Гевгелија.

Обвинетиот А. У. со ТМВ, „ивеко“, со македонски национални регистарски ознаки, неовластено ја пренел дрогата од неутврдената локација до паркинг-просторот на ресторан во с. Радобил, Прилепско, и со ПМВ, „дачија дастер, заминал да се сретне со потенцијалниот купувач, а обвинетите М. З. и М. С. останале да внимаваат на возилото со наркотичната дрога.

Кога А. У. се сретнал со купувачот, му кажал со ТМВ-комбе, „ситроен џампер“, со грчки национални регистарски ознаки, да се движи по него и заедно се упатиле кон Прилеп, а обвинетите Г. К. како возач и К. С. како совозач со ПМВ, „ауди А8“, ги следеле.

На паркинг-просторот во с. Радобил, додека обвинетите А. У., М. С. и М. З ја префрлувале наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии од ТМВ – ивеко“ во ТМВ-комбето, „ситроен џампер“, обвинетите Г. К. и К. С. биле паркирани на исклучувањето кон с. Радобил за да го набљудуваат движењето по магистралниот пат Прилеп – Градско и да го обезбедат претоварањето на дрогата.

Кога дрогата била сместена, обвинетиот М. С., управувајќи го ТМВ „ивеко“, се упатил кон Прилеп, а другите обвинети со три ПМВ и ТМВ, во кое била дрогата, се упатиле на магистралниот пат Прилеп – Градско во правец кон Градско, движејќи се во колона еден зад друг.

Кога пристигнале на клучката за с. Раец, од страна на полициски службеници на МВР биле запрени и по извршениот претрес, лишени од слобода.

Во исто време во Прилеп е лишен од слобода обвинетиот што го управувал ТМВ „ивеко“, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил уапсен и обвинетиот – организатор на криминалната група.

Со пресудите, освен изречените ефективни казни затвор, одземени се и движни ствари, меѓу кои: 17.360 евра, 40 швајцарски франци, 53.200,00 денари, 13 мобилни телефони, ТМВ „ивеко“, 2 луксузни рачни часовника, еден лаптоп, ГПС-навигација, два метални бокса и нож Air Force.​

 

извор: Обвинителство

фото: Архива