Зеленски му се заблагодари на претседателот Ердоган за 215-те заробени Украинци разменети со Русија

0
276

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, му се заблагодари на претседателот Реџеп Таип Ердоган за посредството на Туркије во размената на затвореници со Русија, по што на Украина ѝ се вратени 215 Украинци, известува Агенција Анадолија (АА).

Зеленски преку видеоконференциски линк разговараше со командантите на украинскиот Баталјон „Азов“, чии војници се вратени во земјата преку размена.

Честитајќи им на командантите „ослободени од руско заробеништво“, Зеленски рече: „Откако долго време можев само да ги слушам вашите гласови преку телефон, ме радува што можам да ги видам вашите лица. Ние сме исклучително горди за сѐ што направивте за нашата земја.“

Зеленски рече дека со размената на заробеници се спасени 215 Украинци, меѓу кои имало и осуденици на смрт и му се заблагодари на претседателот Ердоган што посредувал со Русија за ова прашање.

Информирајќи дека петмина од членовите на баталјонот вратени со размената се наоѓаат во Туркије од безбедносни причини, Зеленски додаде: „Разговарав со претседателот Ердоган. Петтемина команданти на „Азов“ ќе бидат чувани на безбедно во Туркије под специјална контрола на Ердоган. Тоа се Сергеј Волински, Свјатослав Паламар, Денис Прокопенко, Олег Хоменко, Денис Шлега. Уште еднаш му се заблагодарувам на претседателот Ердоган.“

Зеленски додаде дека за возврат на Русија ѝ вратиле 55 војници како дел од размената.

Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на претседателот на Украина, информира дека 108 борци на Баталјонот „Азов“ се меѓу 215-те заробеници во размената.

Координативното тело за размена соопшти дека е објавена листата со имињата на 215-те заробеници од размената спроведена на 21 септември.

Во соопштението се наведува: „Ова беше најголемата размена на заробеници од 24 февруари досега. Нашите бранители ослободени од заробеништво ги чека период на закрепнување и лекување.“

Вчера беше објавено дека 200 воени заробеници се разменети како резултат на дипломатскиот сообраќај што претседателот Ердоган го имаше со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Зеленски.

Претседателот на Туркије, Ердоган, изјави дека размената на заробеници меѓу Русија и Украина под посредство на Туркије е важен чекор кон ставање крај на војната.

 

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).