Вучиќ и Орбан ја отворија брзата пруга Белград – Нови Сад

Пругата Белград-Нови Сад, во рамки на меѓународната пруга Белград-Будимпешта, денес беше пуштена за сообраќај, а во првиот брз воз „Сокол“ на таа релација кој пристигна во Нови Сад за 33 минути, се наоѓаа српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан, јави дописникот на МИА од Белград.

Возот на оваа делница ќе сообраќа со максимална брзина од 200 километри на час, според возниот ред треба да сообраќа пет пати дневно, а цената на билетот во промотивниот период ќе биде 300 динари (2,5 евра) во еден правец.

Делницата меѓу Белград и Нови Сад од околу 75 километри е дел од идната брза пруга до Будимпешта, и таа е дел од кинеската глобална иницијатива „Појас и пат“ за инфраструктурни врски меѓу Европа и Азија. Кога ќе се заврши изградбата на оваа делница, до Будимпешта со воз ќе се патува за помалку од три часа. Проектот за модернизација на железницата се проценува на околу две милијарди, а започнат е во 2016 година на самитот на 16 земји од Централна и Источна Европа и Кина.

Во првиот брз воз беа и премиерката Ана Брнабиќ и владините министри, како и изведувачите – кинеските компании „China Railway International Company“ и „China Communications Construction Company“, како и руската железничка компанија „RZD International“ и српски фирми.