Германија денеска најави низа реформи за привлекување квалификувани работници од странство бидејќи земјата се соочува со недостиг на работна сила, особено во секторите на информатичката технологија, обновливите извори на енергија и во медицинскиот сектор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На денешниот состанок на Владата договоривме документ. Ќе го усвоиме најмодерниот закон за имиграција во Европа“, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер за новинарите во Берлин.
„Имаме толку многу слободни работни места, но не можеме да најдеме квалификуван кадар за овие позиции. Апсолутно, потребна ни е имиграцијата од земјите кои не се членки на ЕУ. Итно ни требаат квалификувани работници во Германија, во секторот на информатичка технологија и здравствена заштита“, додаде таа.
Според планот на Владата, Германија ќе усвои нов „имиграциски систем кој се базира на поени“, сличен на канадскиот модел, кој ќе им овозможи на добро квалификуваните граѓани на земјите кои не се членки на ЕУ да дојдат во земјата и да бараат работа.
Реформата предвидува и поедноставување на административните процедури за признавање на професионалните квалификации на имигрантите и олеснувања за донесување на членовите на семејството.
Според проценките на Владата, на Германија, која е најголемата економија во Европската Унија, на годишна основа потребни ѝ се 400.000 квалификувани работници од странство.
Според последниот извештај на „Бостон консалтинг груп“, недостигот од квалификувани работници ја чини германската економија над 80 милијарди евра годишно.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).