Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска присуствуваше на јавната расправа по Драфт верзијата на законот за државна ревизија, подготвен во рамките на Твининг проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, поддржан од Европската Унија.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска го истакна значењето на Државниот завод за ревизија, како врховно ревизорско тело во државата, и потребата да се изнајде функционален модел кој ќе обезбеди целосна и доследна имплементација на укажувањата што се наведени во ревизорските извештаи.
„Многу често се случува укажувањата на Државниот завод за ревизија да останат само укажувања, а институциите да не постапуваат по утврдените забелешки. Контролата на трошењето на буџетските средства е од исклучително значење и затоа Владата донесе одлука, во соработка со Државниот завод за ревизија, да изнајде подобар модел кој ќе ја зголеми ефикасноста на спроведување на укажувањата на ревизорските извештаи. Нашата цел е да обезбедиме системски и поорганизиран пристап по укажувањата на Државниот завод за ревизија“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа истакна дека е многу важно да има добра законска регулатива, но ниту еден закон не може практично да се имплементира, доколку нема човечки капитал и соодветна волја.
Од тој аспект, додаде вицепремиерката Грковска, важно е постојано да се зајакнуваат човечките капацитети, да се зајакнува професионалноста, да се организираат обуки и доквалификации, со што ќе се овозможи транспарентно, професионално, одговорно и ефикасно работење на Државниот завод за ревизија.
Во однос на Драфт верзијата на законот за државна ревизија вицепремиерката Грковска истакна неколку забелешки, особено во однос на мандатот на државниот ревизор и неговиот заменик.
„Не сум убедена дека некои решенија што се предложени во Драфт верзијата на законот за државна ревизија, ја следат намерата за зајакнување на независното, професионално и одговорно работење на Државниот завод за ревизија. Сметам дека нема потреба да се дава можност за дополнителен мандат од девет години за државен ревизор и негов заменик. Треба да се размисли и дали има потреба државен ревизор и негов заменик да имаат посебен имунитет, на исто ниво како пратеничкиот имунитет“, нагласи вицепремиерката Грковска и додаде дека за сите овие прашања очекува во наредниот период да се отвори сериозна дебата.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски оцени дека целта на новото законско решение е да обезбеди финансиска и оперативна независност на Државниот завод за ревизија и додаде дека се добредојдени сите забелешки што се истакнати во текот на дискусијата, со цел да се дојде до подобро законско решение.
На јавната расправа присуствуваа и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, од Министерството за финансии, како и претставници од Делегацијата на ЕУ во државата, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и повеќе експерти претставници на граѓанскиот сектор.