Со пригодна музичка програма во големата сала на Општина Охрид како заменик-градоначалник го прогласив за отворен 22. Интернационален музички фестивал „Охридски бисери“, под покровителство на Општината.
Огромна е честа да се биде дел од свеченото отворање на еден од најпрестижните Интернационални натпревари на млади музичари во сфера на класичната музика. За овој натпревар најдобро говори фактот – 22 години непрекината традиција, традиција достојна за висока почит и признание, напиша на својот ФБ профил заменик-градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.
Во продолжение ја пренесуваме објавата во целост:
Несомнено, Охрид како град со најголем број културни случувања е најсоодветниот за одржување на овој величествен настан. Затоа поддршката на Локалната самоуправа не изостана и не смее да изостане и во иднина, бидејќи токму овој настан како бисер го надополнува бисерниот ѓердан на градот и Македонија.
Нам, охриѓани особено горди нѐ прави тоа што градот продолжува да биде културен центар, а потврда за тоа е и учеството на младите уметници од целиот свет.
Велат музиката нема географски граници, нема јазични бариери и нема расни поделби.
Тука јас би додал дека музиката ги надминува и јазичните бариери. Таа е универзална, а интерпретаторите припаѓаат на целиот Свет.
Деновиве, нека одекнуваат звуците на квалитетната музика и изведба и нека будат во нас чувство на среќа.
Финалната вечер е во сабота, кога ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи.
извор: ФБ Перчо Божиновски