Хрватската полиција привела 21 годишен македонски државјанин, откако во неговиот автомобил пронашла 11 килограми марихуана, автоматска пушка и пиштол. Полицијата соопшти дека младото момче е во притвор, откако претходно се спротивставил на претресот на неговиот автомобил. Тој е приведен во хрватскиот град Вараждин, кој се наоѓа во северниот дел на земјата во близина на границата со Словенија, на 81 километар од хрватскиот главен град Загреб.
Полицијата соопшти дека вчера во Вараждин, работејќи на „сузбивање на злоупотребата на дрога“, решила да го провери идентитетот на непознат млад човек и да го прегледаат автомобилот што го користел со словенечки ознаки.
Против 21-годишникот се води кривична истрага поради сомнение за неовластено производство и тргување со дрога, како и недозволено држење, производство и набавка на оружје и распрскувачки материи, јавува хрватски Индекс.