Традиционално блиските врски меѓу Соединетите Американски Држави и Европа со децении ја обликуваа Минхенската безбедносна конференција. И покрај некои разлики, во основа постоеше единство. Имаше добра соработка, а партнерите се ценеа еден со друг. Но, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата, оваа сигурност се распаѓа. Конференцијата, која започнува во петок (14.02) и е меѓународно позната како Минхенска безбедносна конференција (МСЦ), затоа е и показател за состојбата на трансатлантските односи.
Нови тензии меѓу САД и нивните сојузници?
Едно е сигурно: Веќе во првите недели од вториот мандат на Трамп како претседател на САД, од Вашингтон дува различен ветер: „Америка на прво место“ е безусловното мото на Трамп, дури и ако неговата политика паѓа на сметка на неговите сојузници. Овие тензии веројатно ќе им дадат печат на дел од дебатите во традиционалниот минхенски конференциски хотел „Бајеришер Хоф“, каде што од 14 до 16 февруари ќе разговараат политичари, воени претставници и експерти.
На МСЦ се очекуваат дури 60 шефови на држави или влади. Конференцијата се смета за најважен светски форум за безбедносна политика. Од новата американска администрација, покрај потпретседателот Џеј Ди Венс, свое присуство потврди и министерот за надворешни работи Марко Рубио, но не и новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет. Покрај нив, претседавачот на конференцијата Кристоф Хојсген најави дека се очекува една од најголемите делегации од американскиот Конгрес што некогаш дошла на МСЦ. Меѓу гостите е и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте.
„Измамени“ од Европа
Конференцијата за безбедност е неформален состанок на кој не се носат одлуки. Токму затоа таму се негува отвореност во дебатите и конфликтите не се туркаат под тепих. Доналд Трамп веќе даде нов, поостар тон во трансатлантските односи. „Од европските нации бевме измамени и во трговијата и во НАТО“, се цитира изјава на Трамп дадена за време на предизборната кампања во САД во „Минхенскиот безбедносен извештај“, објавен по повод конференцијата. И уште ова упатено на адреса на Европејците: „Ако не платат, нема да ги заштитиме“.
DW




