Обвинителството отвори истрага за неовластена трговија со дрога и психотропни супстанции во Скопје

Против 42-годишен скопјанец Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка, бидејќи постои основано сомнение дека тој сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Откако на точно неутврден датум во текот на месец февруари набавил одредено количество наркотична дрога – марихуана и психотропна супстанција – амфетамин од непознато лице, осомничениот ги препакувал во помали пакувања и ги подготвил за продажба. При преглед на неговиот автомобил, на 28 февруари, полициски службеници откриле вкупно 16,21 грам марихуана и 8,73 грама амфетамин спакувани во повеќе полиетиленски пакувања.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон или да го повтори делото.​