Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот Конгрес на партијата ги соопшти носителите и коносителите на пратеничките листи на претстојните парламентарни избори.
Тој ќе ја предводи листата во Изборната единица (ИЕ) 1, заедно со лидерката на ЛДП, Моника Зајкова.
Во „двојката“ прв на листата ќе биде поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а коносител вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
На гласачките ливчиња во ИЕ 3 прво ќе биде името на потпретседателката на партијата Сања Лукаревски, а веднаш под неа на министерот за земјоделие, Љупчо Николовски.
Поранешниот прв човек во Здравство, Венко Филипче кој доби силен аплауз од присутните во салата, е носител на листата во „четворката“, каде коносителка е министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска.
Собранискиот спикер Јован Митревски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе ја предводат листата во ИЕ 5.
Во шестата Изборна единица носителка е министерката за одбрана Славјанка Петровска, а коносител Агрон Демири.