Австралиската полиција пронајде 139 килограми кокаин скриени во луксузни автобуси

Две лица се уапсени во Аделаида откако полицијата пронашла 139 килограми кокаин скриени во луксузни автобуси, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на австралиската федерална полиција.

Дрогата била откриена кон крајот на минатиот месец во четири луксузни автобуси, дел од меѓународна пратка до Аделаида. Двајца мажи, на возраст од 22 и 19 години, упаднале во автобусите откако пристигнале во Аделаида и го зеле пакетот.

Уличната вредност на дрогата се проценува на 45 милиони австралиски долари (29,2 милиони американски долари), соопшти полицијата.

Лицата се товарат за обид за поседување кокаин во комерцијална количина. Доколку добијат максимална казна, ризикуваат доживотен затвор.