Агенцијата за атомска енергија предупредува на ризици за нуклеарната безбедност во Украина

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на ОН, Рафаел Гроси предупреди на континуираниот ризик од нуклеарна несреќа во Украина, велејќи дека „заканите за нуклеарната безбедност остануваат многу реални и секогаш присутни“.

„Присуството на претставници на МААЕ во нуклеарните постројки на Украина останува клучно за спречување на нуклеарен инцидент“, изјави Рафаел Гроси на 3 јуни, по неговата дванаесетта посета на Киев од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година.

Оттогаш, МААЕ игра важна улога во заштитата на состојбата на нуклеарните централи во Украина.

Агенцијата редовно испраќа експертски екипи во реакторските објекти во Ривно и Хмелницки и има постојана мисија во нуклеарната централа Запорожја, која моментално е затворена од безбедносни причини.

Експертите на МААЕ во Ривно и Хмелницки мораа да се засолнат во засолништа дури три пати за време на посетата на Гроси поради невообичаено големиот број воздушни напади.

„Моите тимови известија дека тоа бил најинтензивниот ден во однос на бројот на воздушни напади што ги доживеале од крајот на минатата година“, рече Гроси.

Тој додаде дека морал да се сретне со министерот за енергетика Херман Халушченко и други високи функционери во подрумот на Министерството за енергетика поради активната воздушна закана во Киев.

 

 

slobodnaevropa.mk