Американски лекар кој се лекуваше од инфекција со ебола во берлинската универзитетска клиника „Шарите“ е отпуштен од болница по успешно завршен третман. Пациентот, 39-годишен државјанин на САД, од 20 мај беше под медицинска грижа во специјалната изолациска единица.
Според соопштението на клиниката, тој и неговото петчлено семејство во саботата биле отпуштени од медицинскиот надзор „во добра здравствена состојба“. Директорот на Клиниката за инфективни болести и интензивна медицина, професорот Лајф Ерик Зандер, изрази задоволство од текот на третманот и нагласи дека станува збор за значаен терапевтски успех.
Инфекцијата потекнува од Конго
Лекарот се заразил со вирусот ебола додека престојувал во Демократска Република Конго, каде работел за христијанската мисионерска американска организација „Serge“.
По неговото пристигнување во Германијана 20 мај, бил сместен во специјализирано одделение за изолација. Неговата сопруга и четирите деца биле ставени во карантин како високоризични контакти. Кај нив не биле забележани симптоми, ниту пак вирусот бил детектиран во кое било време.
Вирусот исчезнал на 30 мај
Пациентот бил заразен со варијантата Бундибугио на вирусот ебола. Според податоците од „Шарите“, при приемот кај него биле забележани изразени симптоми на болеста, кои постепено се намалувале во текот на лекувањето.
Иницијално високото ниво на вирус во организмот значително опаднало, а од 30 мај наваму вирусот повеќе не можел да се открие. Надлежните здравствени власти во саботата напладне ја укинале наредбата за изолација.
Во изјава преку клиниката, американскиот лекар се заблагодари за „врвната медицинска нега“ и нагласи дека е неизмерно благодарен. Тој додаде: „Нашите мисли се и со луѓето во Конго, кои немаат можност да добијат ваков тип на здравствена грижа.“
Епидемија во источно Конго
Пред околу еден месец беше пријавено избувнување на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго. Досега се регистрирани неколку стотици потврдени инфекции и неколку десетици смртни случаи.
DW




