Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп смета дека украинското раководство е „подготвено да продолжи напред“ по барањето на САД за прекин на огнот со Русија, изјави висок претставник на американскиот Стејт департмент.Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Валц во вторник треба да пристигнат во Саудиска Арабија на разговори со нивните украински колеги.
Трамп го зголеми притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги прифати неговите барања за брз прекин на огнот со Москва, но без никакво итно ветување за безбедносни гаранции од Соединетите држави.
Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а Москва во моментов контролира 20 отсто од украинската територија.
„Фактот што тие доаѓаат овде на високи нивоа е добар показател за нас дека сакаат да седнат и се подготвени да продолжат напред“, изјави претставник на Стејт департментот, кој сакаше да остане анонимен, пренесува Би-Би-Си.
4news.mk