Веста за градење на дигитален Национален дата центар наиде на жестоки критики во јавноста. Наспроти обвинувањата дека тој ќе троши многу струја и вода за ладење, и ќе ја загрози животната средина, министерот Стефан Андоновски за ДВ вели дека потрошувачката ќе биде незначителна. Разговаравме и за ризиците од партиска злоупотреба на податоците, влијанието врз животната средина, како и за првите проекти на „Везилка“ кои ќе бидат во медицината. Но и за актуелните случувања и како може вештачката интелигенција (ВИ) да ја зајакне подготвеноста за климатските шокови.
ДВ: Министре, ако бевме во можност да користиме вештачка интелигенција (ВИ), како таа ќе помогнеше да се спречи катастрофата во Гостивар или еве невремето што се случи во Скопје?
Андоновски: Вештачката интелигенција значително може да помогне. Со анализа на сателитски снимки, временски податоци, сензори и информации во реално време, ВИ може порано да предупреди на ризици, да помогне во координацијата на службите, да предложи оптимални протоколи и побрзо да ги анализира штетите, како и да ги информира граѓаните во реално време. Тоа е алатка за подобро и побрзо носење одлуки, а не замена за институциите или одговорноста на поединци во институциите. Примената на „Везилка“ во институциите ќе биде токму за тоа. Првиот проект на ФИНКИ е за лекари и планот е да ги вградат внатре сите лекарства кои што се одобрени од МАЛМЕД, со сите дијагнози кои што постојат и практично да му помага на лекарот да анализира дијагнози и терапии. Се разбира на крај пак одлучува лекарот, но ВИ ќе му помага во анализата, контраиндикации на лекови, кои лекови се посоодветни за конкретен пациент и.т.н.
Без дата центри нема дигитализација
ДВ: Дел од дигитализацијата на државата е изградбата на Дата центарот. Има многу критики на Вашата Фејсбук-страница за тоа, при што на некои и Вие реагиравте со одговори. Може ли прецизно да се произнесете за загриженоста во јавноста?
Андоновски: Секој нов проект отвора дилеми и прашања, и тоа е во ред. Но многу е важно во дискусијата да се тргне од факти. Националниот дата центар е проектиран како енергетски ефикасен Tier III објект чиј изведувач е нашата држава, а не странска држава, што значи ова е проект за наши потреби и зборуваме за релативно мал капацитет – ние спомнавме 5 мегавати, но се размислува и за двапати помалку од 5 MW, кој што ќе има воздушно ладење и минимална до нула потрошувачка на вода. Граѓаните треба да знаат дека ова е капацитет на ниво на помала производствена фабрика какви што веќе постојат во С. Македонија. Бучавата ќе биде ограничена на техничка опрема и ќе биде во рамките на индустриските стандарди кои што и денес ги имаме во државата.
ДВ: Обвинувањата во јавноста се дека богатите држави ги селат дата центрите во сиромашни земји, затоа што не се „здрави“ и во енергетска и во еколошка смисла?
Андоновски: Не, вакви податочни центри денес се градат насекаде во регионот, но и во Германија, Франција, Холандија и скандинавските земји. Значи во моментов вакви центри градат и Албанија, и Косово, веќе има изградено во Србија во Крагуевац, Бугарија веќе има изградено, а и Грција неколку. Што значи дата центрите на се преселуваат во помали држави, туку дигиталната економија бара инфраструктура во секоја земја за себе. Нашиот ќе биде за наши потреби. Околу локацијата, затоа што таа е поврзана со индустриското значење, разгледуваме места каде што веќе има индустрија. Исклучуваме планини, ливади, пасишта, плодна почва. Изградбата ќе биде на локации кои и денес имаат фабрики, дали во технолошките развојни зони, дали во близина на постоечки капацитети. Целта е да бидеме блиску заради конекцијата со струја и инфраструктурна поврзаност.
DW




