Министерството за здравство воведува нова можност преку својата веб-страница, каде што граѓаните ќе може да пријавуваат неправилности и проблеми во здравствениот систем. Пријавувањето ќе биде анонимно, но доколку сакаат, граѓаните можат да остават лични контакти како телефонски број и мејл-адреса, за да можат надлежните да ги контактираат за дополнителни информации.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска информираше дека преку новата платформа ќе може да се пријават различни нерегуларности, како што се подолгото чекање на преглед или несоодветно постапување. Пријавите може да бидат дополнети и со фотографии или документи како докази.
„На пример, може да се пријави подолго чекање на некоја клиника, или, пак, некоја нерегуларност, а може да се приложат и фотографии и документи како докази“, изјави Алиу.
Министерството ќе објавува месечни извештаи со податоците за пријавените неправилности, прецизирајќи во кои јавни здравствени установи биле забележани најмногу проблеми.
Покрај ова, Алиу најави и дека граѓаните преку веб-страницата ќе може да закажуваат средби со него. Средбите ќе траат по 15 минути и ќе се одржуваат секој петок од 10 до 15 часот. За да закажат средба, граѓаните треба онлајн да ги остават своите име и презиме, телефонски број и тема за разговор.




