Според извештаите во медиумите, кинеската влада размислува да го продаде загрозениот американски бизнис на ТикТок на технолошкиот милијардер Илон Маск. Во Пекинг било разговарано за опцијата онлајн платформата на Маск, X да ја преземе контролата врз американскиот дел од ТикТок и да управува заедно со услугите, објави новинската агенција Блумберг, цитирајќи информирани луѓе.
„Волстрит журнал” набргу потоа објави дека подготвеноста да се преземе таква трансакција била испитувана откако Доналд Трамп се враќа во Белата куќа.
Видео-апликацијата ТикТок припаѓа на групата Бајтденс (ByteDance) со седиште во Кина. Можноста Пекинг да добие пристап до податоците од американските корисници и да организира кампањи за влијание на платформата долго време се дискутира во САД.
Се ближат одлучувачките денови
Затоа, американски закон го принудува Бајтеденс да се оддели од ТикТок. Рокот од 270 дена истекува на 19 јануари. Без продажба, на овој ден постои ризик од исчезнување на ТикТок во САД.
ТикТок ги отфрли обвинувањата и поднесе жалба до Врховниот суд на САД за барем да издејствува одложување. На сослушувањето, судиите сепак останаа неубедени во аргументот дека законот ја нарушува слободата на говорот предвидена во американскиот Устав. Доналд Трамп, кој ќе положи заклетва како претседател на 20-ти јануари, меѓутоа ги повика судиите да му дадат повеќе време за да постигне договор за ТикТок.
Односот меѓу САД и Кина е оптоварен со, меѓу другото, обвинувања за шпионажа и казнени царини, а ТикТок може да стане средство за преговори.
„Чиста фикција“
Портпаролот на ТикТок за британскиот радиодифузер Би-Би-Си во врска со извештајот на Блумберг изјави дека не може да се очекува компанијата да коментира за „чиста фикција“.
Видео-апликацијата има над 170 милиони корисници во САД. ТикТок истакнува дека Бејтденс е во мнозинска сопственост на меѓународни инвеститори. Со оглед на нејзиното седиште во Пекинг, матичната компанија исто така мора да се усогласи со барањата на властите. Освен тоа, владата може да земе учество во продажбата.
DW