Афирматор на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет во Република Албанија

Повод – четиринаесет години од постоење на македонскиот весник „Илинден“

На 1 март 2011 година излезе од печат првиот број на македонскиот весник „Илинден“, како официјално гласило на македонското друштво „Илинден“-Тирана од Република Албанија.
Денес весникот „Илинден“ е многу повеќе од гласило на споменатото друштво, тој е единствен печатен медиум на македонски јазик кај нашиот западен сосед и во суштина е гласило на македонската заедница во Република Албанија. На своите страници „Илинден“ разгледува повеќе теми од Република Албанија, Балканот и од светот, меѓутоа во сржта на неговата уредувачка политика се афирмацијата на македонскиот јазик и на македонските национални особености во Република Албанија и промовирањето на потребите на македонскиот народ што живее таму.
Како единствен македонски весник кај нашиот западен сосед, на неговите страни може да се прочита за сето она што е најактуелно во македонската заедница во Албанија, па така, во последно време беа актуелни, на пример, темите поврзани за потребата од отворање лекторат по македонски јазик во Корча или потсетување на веќе договорени нешта, како што е долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште–Џепиште, нешто што беше договорено од страна на македонската и албанската влада во 2017 година.
– Во ситуација кога официјална Софија преку државните институции и приватни фондации се обидува да ги асимилира припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, весникот „Илинден“ на многу јасен начин ја разобличи оваа политика, а пишуваше и за контроверзните дејанија, како што беа уцените за време на пописот кај нашиот сосед од страна на одредени групации и поединци – велат нашите соговорници.
Поради своите јасни и концизни уредувачки политики, весникот „Илинден“ предизвикува интерес кај читателската публика во Република Албанија, но и кај сите припадници на македонскиот народ, во Република Македонија и македонската дијаспора низ светот.
– Според многубројните дописи што пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од македонски весник „Илинден“, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во четиринаесетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број корисници од македонското национално малцинство во Република Албанија, но и Македонци од целиот свет – нагласуваат од весникот „Илинден“.

Од март 2017 година, „Илинден“, покрај печатената верзија, е достапен и преку интернет-изданието – www.vesnik-ilinden.com, со што весникот може да го читаат сите Македонци од целиот свет. Истата година, поточно од септември 2017, „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ИССН 2522-6282 (онлајн) и ИССН 2522-4514 (печатен) и е дел од трите најголеми читачи на вести во Македонија: www.grid.mk, www.daily.mk и www.vesti.mk. Од август 2022 година, весникот „Илинден“ е член и на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде што членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.
Треба да се напомене дека сите броеви на весникот „Илинден“ се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Република Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, Библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Национална установа библиотека „Григор Прличев – Охрид“ и Државниот архив на Македонија.
– Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да ги поттикнува и да ги одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците низ светот – додаваат од редакцијата на „Илинден“.
Весникот „Илинден“, по повод своето 14-годишно опстојување, им се заблагодари на своите соработници, кои несебично помогнале во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот.
– Од тогаш до денес, весникот „Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија. Наедно, редакцијата ѝ се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Република Албанија и го приближи македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење – нагласуваат од редакцијата на весникот „Илинден“.

 

 

vesnik-ilinden.com