Полска и Унгарија се на посебен начин историски поврзани. Двата народи меѓусебно се поддржуваа во нивните стремежи за независност, борците за слобода од двете земји притрчуваа едни на други на помош во егзистенцијални историски моменти, како за време на анти-хабсбуршката револуција од 1848 година. И за време на анти-комунистичката револуција во Унгарија во 1956 година, Полјаците спонтано организираа крводарителски акции за жртвите од советската инвазија. „Полјак и Унгарец, двајца добри другари“ е во двете земји поговорка која сите ја знаат. Од 2007 дури има официјален ден на полско-унгарско пријателство од 2007 година – тоа е 23ти март.
И унгарскиот премиер Виктор Орбан своевремено се восхитуваше на длабоката полска желба за слобода и на антикомунистичката борба на Полјаците до тој степен што во 1987 година, како студент по право, дипломската теза ја пишуваше на тема „Општествената полска самоорганизација на примерот на Синдикатот солидарност“.
Но токму Орбан сега предизвика историски пад во полско-унгарските односи со тоа што минатиот четврток (19 декември 2024 година) неговата влада му одобри азил на поранешниот полски заменик министер за правда Марцин Романовски, кој се бараше со европска потерница.
Политички фронтален судир
Одлуката веднаш доведе до политички фронтален судир меѓу Полска и Унгарија, чии односи по промената на власта во Полска во декември 2023 година и онака се влошени. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го опиша такјвиот чекор како „непријателски чин кон Полска и темелните вредности на ЕУ“, врачи протестна нота на унгарскиот амбасадор во Полска и го отповика полскиот амбасадор во Будимпешта на консултации – чекор на дипломатска ескалација што исклучително ретко се случува меѓу две земји членки на ЕУ.
Полскиот премиер Доналд Туск ја стави Унгарија на Орбан на исто ниво со режимот на диктаторот Александар Лукашенко во Белорусија. Полски судија побегна таму во мај 2024 година кој е под истрага за злоупотреба на службената положба и откривање државни тајни. „Не мислев дека корумпираните функционери може да изберат меѓу Александар Лукашенко и Виктор Орбан“, се пожали Туск.
„Либерална коалиција виножито“
Виктор Орбан во интервју за провладиниот унгарски портал Мандинер уште во четвртокот (19 декември 2024 година) навести дека ќе им даде азил на „полските политички бегалци“. Тој ја опиша актуелната полска влада како „либерална коалиција на виножитото“ која „го користи владеењето на правото и правните средства за да се пресмета со политичките противници“. Полско-унгарските односи се „на најниско ниво бидејќи либералната полска виножито коалиција не е во состојба да направи разлика меѓу партиска и државна политика“, рече Орбан.
Де факто владината коалиција на либерално-конзервативниот полски премиер Туск се обидува да го направи токму спротивното – да ја расплетка мрежата на партиска и државна политика настаната под претходната национал-конзервативна влада и да се справи со нејзините корупциски скандали. Еден од луѓето во центарот на таквиот процес е поранешниот заменик министер за правда Марцин Романовски.
Укинат имунитетот
Романовски од 2019 до 2023 година го надгледуваше таканаречениот Фонд за праведност, наменет за поддршка на жртви на криминал. Јавното обвинителство го обвинува политичарот, кој во тоа време припаѓаше на мала коалициска партија, за единаесет кривични дела, меѓу кои криминално здружување, проневера и манипулација при доделувањето на пари од фондот. Спорната сума изнесува околу 25 милиони евра.
48-годишниот пратеник на ПиС беше кратко време уапсен во јули, но потоа повторно ослободен. Како член на Парламентарното собрание на Советот на Европа уживаше имунитет. Меѓутоа, Комисијата му го укина во октомври. На 9 декември 2024 година суд во Варшава одреди тримесечен притвор за Романовски. Тој во тоа време веќе бил недостапен за органите на прогонот и побегнал во Унгарија.
Минатиот петок (20 декември 2024 година) Романовски се огласи на социјалните мрежи. Азилот за член на полската опозиција е „силен предупредувачки сигнал за режимот на Туск“. Тој сака да продолжи да работи од Будимпешта за „суверена, христијанска и силна Полска“. Неговата цел е „да го укине режимот на Туск“.
Не е прв случај
Случајот ги илустрира огромните проблеми со кои се соочува владата на Туск во обновувањето на владеењето на правото. Полското правосудство, вклучително и Уставниот суд, и натаму во голема мера е под доминација на лојалисти на ПиС, а претседателот Анджеј Дуда, исто така близок до поранешната владејачка партија, ги пролонгира сите владини реформи што е можно повеќе. Примерот покажува со какви проблеми може да се соочи и Унгарија по евентуална промена на власта.
Инаку, не е првпат познат политичар осомничен за корупција да добие азил во Унгарија. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегна во Унгарија во 2018 година и таму доби азил. Унгарската влада привремено им беше прибежиште и на неколку политичари од унгарското малцинство во Романија.
За Полска, пак бегството на пратеник е преседан, коментира конзервативниот полски дневен весник „Рехпосполита“ и додава дека „Романовски побара помош од сојузник на Путин. Срамота е да се биде сојузник на сојузникот на Путин“, пишува весникот. Во Унгарија левичарскиот портал „Мерце“ објави дека „унгарската влада ги користи Законите за заштита на бегалци за да ги спаси политичките сојузници“.
Сексистичка забелешка
Полските и унгарските медиуми сега шпекулираат кој од политичарите на ПиС е следниот на листата за бегство во Унгарија. Би можело да стане збор за европратеникот Даниел Обајтек, поранешен шеф на полската нафтена компанија Орлен. Тој со години е вмешан во бројни корупциски афери. Меѓу другото, се соочува и со обвинение за манипулирање со тендерите на Орлен.
Орбан ги подгреа шпекулациите во саботата за време на неговата голема прес-конференција на крајот на годината. Кога еден новинар го праша конкретно за поранешниот шеф на Орлен, унгарскиот премиер познат и по сексистички изјави, не можеше да одолее да даде повторно таква и рече дека не знае „дали мислиме на истата личност – затоа што никогаш не се знае кој господин е во некоја женска глава – тогаш тој е европратеник и затоа не мора да се занимаваме со него“. Орбан додаде: „Генерално, мора да бидеме подготвени за фактот дека ќе има и може да има повеќе вакви случаи“.
DW