„Без кралеви“: Милиони Американци протестираа против Трамп

Огромен број луѓе излегоа на улиците во сите 50 американски сојузни држави на протестите „Без кралеви“ во саботата, изразувајќи гнев поради политиките на претседателот Доналд Трамп. Републиканците ги исмеваа и критикуваа митинзите нарекувајќи ги „Мрази ја Америка“.

Организаторите изјавија дека седум милиони луѓе марширале на протести од Њујорк до Лос Анџелес, со демонстрации и во мали градови низ срцето на САД, па дури и во близина на домот на Трамп на Флорида.

„Вака изгледа демократијата!“ скандираа илјадници во Вашингтон, во близина на американскиот Капитол, каде што федералната влада беше затворена трета недела поради законодавна блокада.

Шарени транспаренти повикуваа на „заштита на демократијата“, додека други бараа укинување на Агенцијата за имиграција и царинска контрола (ICE), која е во центарот на антиимигрантската кампања на Трамп.

Демонстрантите ги осудија, како што ги нарекоа, насилничките тактики на републиканскиот милијардер, вклучувајќи напади врз медиумите, политичките противници и недокументираните имигранти.

„Никогаш не мислев дека ќе доживеам да го видам умирањето на мојата земја како демократија,“ рече 69-годишната пензионерка Колин Хофман за АФП додека маршираше по Бродвеј во Њујорк.

„Во криза сме- суровоста на овој режим, авторитаризмот. Едноставно чувствувам дека не можам да седам дома и ништо да не правам.“

Во Лос Анџелес, демонстрантите пуштија огромен балон со Трамп во пелени.

Многумина развејуваа знамиња, а барем едно се однесуваше на популарното аниме „One Piece“, со черепот што стана симбол на антивладини протести од Перу до Мадагаскар.

„Бори се против незнаењето, не против мигрантите,“ пишуваше на еден транспарент во Хјустон, каде речиси една четвртина од населението се имигранти, според Институтот за миграциска политика.

Иако енергични, протестите беа претежно мирни, со исклучок на центарот на Лос Анџелес, каде полицијата употреби проектили и солзавец доцна во саботата за да растера толпа која вклучуваше демонстранти од „Без кралеви“.

Реакција од Трамп
Не е можно независно да се потврдат бројките за присуство што ги дадоа организаторите. Во Њујорк, властите изјавија дека над 100.000 луѓе се собрале на еден од најголемите протести, додека во Вашингтон толпата се проценуваше на меѓу 8.000 и 10.000 луѓе.

Реакцијата на Трамп на настаните во саботата беше типично агресивна, при што американскиот претседател објави серија видеа генерирани со вештачка интелигенција на неговата платформа Truth Social, прикажувајќи се себеси како крал.

 

 

 

DW