Бившиот прв вицепремиер на Македонија Артан Груби веќе не е дел од ДУИ, изјавија претставници на оваа партија

Пред да избега во Косово, а според последните информации и во Албанија, Груби на Фејсбук објави дека се повлекува од јавниот живот. Па, сега ДУИ не ги коментира ни наводите на лидерот на Демократското движење, Изет Меџити дека поранешниот вицепремиер, Артан Груби е во Албанија.

Пред неколку дена и Блерим Беџети, организациски секретар на ДУИ изјави дека Груби веќе не е дел од ДУИ, дека тој се повлече пред партиските органи да донесат таква одлука. Беџети вели дека ДУИ ги почитува, ги прифаќа и има сериозен пристап кон одлуките на Стејт Департманот за црната листа.

Тој го повика поранешниот сопартиец да се врати.

– Груби јавно го повикувам, во име на партијата и во мое лично име, да се пријави пред органите на правдата, за да се соочи. Значи, станува збор за случајот со Држана лотарија, а не за црната листа на САД, тоа е нешто друго. Како секој граѓанин, и како носител на јавна функција, ако е чист како што кажува или пак прекршил закон, тоа треба да се констатира во органите. Се надевам дека поскоро ќе се соочи, тој, и многу други, изјави Беџети.

Како што е веќе познато, Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во тоа државно акционерско друштво, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.

Кривичниот суд им одреди 30 дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во Македонија бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.

За Груби и Бајрами се објавени меѓународни потерници.

 

 

 

denesen.mk