Црногорската метропола на туризмот – Будва, е финалист на натпреварот за Европска престолнина на културата во 2028 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Општина Будва, Директоратот за образование и култура на Европската комисија донел одлука врз основа на анализата и оценувањето на апликациските книги на сите градови кандидати, Будва да биде во финалето на натпреварувањето за Европска престолнина на културата во 2028 година.
Конкуренцијата за титулата за 2028 година беше многу голема, бидејќи учествуваа градови од Норвешка, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и други земји.
Европската престолнина на културата е еден од најзначајните проекти на Европската Унија што постои уште од 1985 година. Досега околу 60 градови ја носеа таа престижна титула, а од 2021 година за таа титула се натпреваруваат и градови од држави кои не се, а сакаат да станат членки на ЕУ.
Проектот Европска престолнина на културата е започнат во 1985 година по иницијатива на Мелина Меркури и Жак Ланг, тогашни министри за култура на Грција и Франција. Проектот се развиваше без да ја изгуби неговата примарна цел, а тоа е истакнување на богатството на сличности и разлики на европските култури, како и да се поттикне пријателството и чувството на заедништво меѓу европските народи.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).