Измена на Уставот со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител и тој да се бира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието. Ова се препораките на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа по двата предлог законски текста на македонската Влада. Оценката е дека предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители и покрај неколку недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики – нови или преземени од законите што се во сила.
Со оглед на важноста на овие прашања за автономијата и релативната независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува во контекст на идната уставна реформа, Уставот да се измени и по овие точки.
Предлози за Советот на јавни обвинители
Во однос на предлог-законот за Советот на јавни обвинители, во мислењето се препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство на сите членови-поротници на Советот, како и да се обезбеди алтернатива на начинот на кој се избираат четирите членови поротници, со што ќе се обезбеди избор базиран на заслугите и интегритетот на кандидатите, како и разновидна застапеност.
Венецијанската комисија предлага и функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители во Македонија да биде суспендирана за време траењето на нивниот мандат во Советот. Натаму се предлага вклучување дополнителни заштитни мерки со цел важни одлуки, како оние за предвремен прекин на мандатот на член на Советот, да се носат мнозинство гласови на обвинителите во Советот.
Само еден реизбор на јавниот обвинител
Во однос на предлог-законот за Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува при одредување на подобноста за извршување на функцијата јавен обвинител меѓу критериумите да се вклучат и менаџерските и организациските вештини, како и да се прецизира дека е можен само еден реизбор на јавниот обвинител.
„ Потребно е да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на Јавниот обвинител и обвинителите; да се изменат основите за разрешување на Јавниот обвинител за да се обезбеди поголема јасност и предвидливост; да се бара од Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешувањето на Јавниот обвинител и да се обезбедат соодветни процедурални заштитни мерки за обвинителите што се оценуваат“, се вели во препораките.
Заедничкиот документ на Венецијанската комисија и на ДГИ е изработен по барање на министерот за правда, Игор Филков, од 24 јули годинава за мислење за предлог-законот за Јавното обвинителство и предлог-законот за Советот на јавни обвинители.
Мислењето е побарано по намерата на македонската Влада да го подобри судскиот интегритет преку ревидирање на процесите за регрутирање, избор, назначување, оценување, унапредување, преместување и разрешување на судии и обвинители.
DW




