Вештачката интелигенција го менува пазарот на трудот

Патот „прво средно училиште, потоа факултет“ не им изгледа толку привлечен на многу луѓе во Германија како порано. Младите луѓе се плашат од неизвесните перспективи за вработување, меѓу другото поради брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ). Експертите проценуваат дека ВИ може да загрози дури половина од работните места на почетно ниво во таканаречените професии базирани на високо образование.

Растот на невработеноста кај високообразованите
Во исто време, невработеноста кај академски образованите граѓани расте со години. „Пред пандемијата на коронавирусот, таа беше 2,1 процент, а денес е на ниво од 3,3 проценти“, истакнува Енцо Вебер од Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата во Нирнберг, во интервју за јавниот сервис АРД.

Сепак, Вебер не зборува за „експлицитна криза на академиците“. Просечната стапка на невработеност се зголеми уште повеќе. Меѓутоа, јасно е дека дури и високообразованите повеќе не се имуни на сегашната економска криза.

Занает – добри професионални перспективи
Продорот на вештачката интелигенција во моментов ги прави занаетчиските професии попривлечни за младите луѓе. За разлика од многу канцелариски работни места, занаетите се сметаат за особено отпорни на влијанието на ВИ. Покрај тоа, постојат и привлечни можности за развој и дополнителна обука, кои играат важна улога во одлуката „занает или студии“.

Во исто време, речиси и да нема економска гранка во Германија која страда толку многу поради недостаток на квалификувана работна сила како занаетчиството. И покрај добрите професионални перспективи, околу 200.000 работни места се непополнети. Малите бизниси се особено погодени.

Според Извештајот за стручно образование за 2025 година, околу 19.000 позиции во занаетите неодамна останаа непополнети низ цела Германија, што е 18 проценти од сите позиции што се нудат за стручно образование во компаниите.

„Сè уште премногу млади луѓе, но и нивните родители, немаат вистински увид во разновидните и одлични професионални перспективи што ги нуди занаетчиството“, вели претседателот на Баварската занаетчиска комора, Франц Ксавер Петерандерл. „Сè уште распространетата опсесија со академски титули го замаглува погледот кон реалноста.“

 

DW