Кучка со десетина штотуку родени кученца лежи покрај патот во Струшко. Загрижени читатели во редакцијата на Охрид 1 испратија видео и фотографии барајќи помош, со желба дека ќе се најди начин да се згрижат мајката и кученцата.
„Кучката се окучи пред два дена. Неможам точно да видам колку има кученца но сигурно се десеттина. Ми е страв да се приближам затоа што мајката која ги заштитува своите малечки може да биде агресивна. И оставам храна, но ова не е решение. Прво тие се премногу мали а лежат веднаш до патот. Многу голема е веројатноста да ги изгазат. А друго зима доаѓа, ќе студи им треба храна. Мора да најдеме начин некаде да ги згрижиме“, вели читател на Охрид 1.
Тој тврди дека веднаш побарал помош од здруженијата кои тврдат дека се грижат за бездомни животни. Но, откако им го образложил проблемот никој не крева телефон и не враќаат на пораките.
„ Се обратив до сите поединци и здруженија кои сум ги читал по медиумите и кои се најгласни кога ќе има некој проблем со бездомни кучиња. Но, крајно сум изненаден затоа што нити ми одговараат нити враќаат на пораките. Зошто? Еве им проблем кој навистина треба да го решат. Се грижат за бездомните животни само пишувајќи и критикувајќи на социјалните мрежи? Јас им стојам на располагање да ги пренесам беспомошните малечки и нивната мајка со автомобил каде што ќе кажат. Но мора да ги тргнеме од ова небезбедно место“, вели читателот на Охрид 1.
Инаку проблемот со кучињата скитници се провлекува долго време. Повеќе од потребен е регионален стационар за Охрид и Струга.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство минатата година кажаа дека со претставници на локалната самоуправа на Охрид и Струга се одржале неколку состаноци на кои се разгледале прашањата кои се однесуваат на решавање на проблемот со бездомните кучиња и изградба на прифатилиште. За надминување и решавање на проблемот со бездомните кучиња во Охрид, со посредство на Агенцијата за храна и ветеринарство во март 2019 година организирани и одржани беа неколкудневни теоретски и практични предавања за вработените од јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ и Општина Охрид од страна на експертот Брајан Фаулкнер, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA). Детално беа објаснети постапките и стандардните оперативни процедури, техниките и методите на заловување на бездомните животни, нивната благосостојба и третманот во прифатилиштата. Во пракса беа презентирани основите за воспоставување на соодветен систем за контрола на бездомните кучиња базиран на благосостојбата на животните, рекоа од АХВ.
За потсетување најблиската општина до туристичките центри која има регистирано стационар е Кичево. Но, тој постои само на хартија. Дали и кога ќе се гради не се знае.
View this post on Instagram
извор: Охрид 1
видео: Охрид 1