Владата, како што се наведува во соопштението испратено вечерва од Илинденска број 2, ѝ препорачала и на Агенцијата за цивилно воздухоповство (АЦВ) да продолжи со „започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата“.
Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата, се наведува во соопштението од Владата за донесените одлуки на денешната седница.
Инаку, главна тема на владината седница беа разрешувањата на двајцата директори во М-НАВ и предлозите за именување на нови, по минатонеделните случувања во оваа институција, каде осум лица, меѓу кои и претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири упаднаа во контролата за летање и нападнаа вработен.
Во соопштението од владината прес-служба не се наведува ништо во врска со првичната одлука на седницата, со која на местото на Фахрудин Хамиди за претседател на Управниот одбор на М-НАВ беше предложен Илир Мехмеди.
Откако стана јасно дека Мехмеди не ги исполнува условите за да биде именуван на оваа позиција, Владата излезе со нов предлог – Хекуран Асани.
Во соопштението се наведени куси биографии на Асани и на Костиќ, кои Владата ги предложи до Надзорниот одбор на М-НАВ да бидат именувани за претседател на Управниот одбор и извршен директор во воздухопловна навигација, односно за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника.