Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Националната стратегија за лозарство и винарство 2023-2033 година.
Овој стратешки документ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има за цел подобрен индекс на квалитет на производството, воведување нови производствени технологии и современ пристап за промоција и маркетинг на крајните производи во и надвор од Република Северна Македонија на долгорочен план.
Основниот ефект кај сите чинители во вредносните ланци кај лозарството и винарството се очекува да биде зголемување на вредноста на крајниот производ, преку унапредување на работните процеси, оптимизација на трошоците и зголемувањето на квалитетот, што води до поголема конкурентност на производите на пазарот и поголем пазарен удел. Со тоа, оценето е дека би се зголемил вкупниот приход и профитот што го делат чинителите во ланецот.
Директни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во вредносниот ланец на лозарство и винарство: лозари, откупувачи, преработувачи, логистички фирми задолжени за транспорт и дистрибутери. Индиректни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во земјоделството и сродните индустрии. А новиот пристап во сферата на лозарството и винарството се проценува дека неминовно ќе значи и вовед кон унапредување на работењето на целиот земјоделски и преработувачки сектор.
извор: Влада