Откако вчера го одби предлогот по скратена постапка да се донесе дополнување на Законот за заштита од семејно насилство со кој насилниците треба да носат електронски алки, ВМРО-ДПМНЕ излезе со низа критики за овој предлог. Го оцени како тешко применлив, со сериозни правни дилеми и политички маркетинг. Зајкова рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја носи одговорноста за секоја следна жртва. Реакциите во јавноста се поделени.
Недоработена иницијатива без сериозна правна и институционална основа, оценија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ по негативните реакции во јавноста откако мнозинството во Собранието на седница на 18 март не дадоа поддршка на предлогот по скратена постапка да се донесе дополнување на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, што по вторпат го поднесе пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
Предлогот е да се воведе електронска нараквица за сторители на семејно и родово базирано насилство, која треба да алармира кога сторителот ќе ѝ се приближи на жртвата.
Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.
Пред една година пред Собранието беше поднесен истиот текст, кој и тогаш беше одбиен.
slobodnaevropa.mk




