Порталот „Пари“ ги анализираше показателите на Инвеститорските денови што се одржуваат три години по ред, за да утврди каков е трендот на трансакциите и прометот на Берзата. Бројките покажуваат дека интересот се намалува, што може да се поврзе со пандемијата, а сега и со економската криза поврзана со енергетската и со високата инфлација, фактори кои носат воздржаност за секакви вложувања, па и во хартии од вредност.
Првиот Инвеститорски ден се одржа на 18.09.2020 година. Тогаш се склучија 339 трансакции и вкупниот промет во БЕСТ системот надмина 1 милион евра.
Вториот Инвеститорски ден се одржа на 13.09.2021 година. Тогаш се склучија 262 трансакции, а вкупниот промет во БЕСТ системот беше 640.000 евра. Значи, во однос на претходната година бројот на трансакциите се намалил за 77, а направениот промет бил помал за околу 360.000 евра.
Третиот Инвеститорски ден кој се одржа деновиве, значеше склучување на 242 трансакции, а тоа е за 20 трансакции помалку отколку лани и дури за 97 помалку отколку во 2020 година. Вкупниот промет во БЕСТ системот беше 516.000 евра, тоа е за 124.000 помалку од лани и за 480.000 евра помалку отколку во 2020 година.
ПОДАТОЦИ ЗА ТРИТЕ ИНВЕСТИТОРСКИ ДЕНОВИ
ДАТУМ | БРОЈ НА СКЛУЧЕНИ ТРАНСАКЦИИ | ВКУПЕН ПРОМЕТ |
---|---|---|
13.09.2022 | 242 | 516.000 евра |
13.09.2021 | 262 | 640.000 евра |
18.09.2020 | 339 | 1.000.000 евра |
Инвеститорскиот ден го иницираше Берзата по повод одбележувањето на 25 години од нејзиното основачко собрание, а иницијативата ја прифатија Централниот депозитар на хартии од вредност и осум членки на Берзата: Еурохаус, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност. Годинава, прв пат Иницијативата Инвеститорски ден ја прифатија сите 10 членки на Брезата, што значи дека се придружија и Илирика Инвестментс и Иново Брокер, а доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
извор: Пари