Американската влада не е импресионирана од пристигнувањето на војници од земји членки на НАТО на Гренланд.
„Не верувам дека војници во Европа ќе влијаат на процесот на одлучување на претседателот или дека тоа на кој било начин ќе има ефект врз неговата цел да го преземе Гренланд“, изјави портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Каролин Ливит, во Белата куќа.
Во моментов неколку сојузници на Данска од НАТО испраќаат војници на арктичкиот остров како дел од воена извидничка мисија. Извидувањето, кое е под водство на Данска, не претставува НАТО-мисија, но земјите кои учествуваат се членки на одбранбениот сојуз.
Гренланд, кој има широка автономија, припаѓа на територијата на Данска, земја членка на НАТО. Во мисијата учествуваат и војници на германскиот Бундесвер. Од воениот аеродром Вунсторф во Долна Саксонија во четвртокот (15.01) полета транспортен авион А400М со нешто повеќе од десетина војници. По застанување во Данска, војниците денеска треба да пристигнат на Гренланд со цивилен дански авион, заедно со други партнери.
Војници испраќаат и Норвешка, Шведска, Финска, Велика Британија, Франција и Холандија. Некои од нив веќе пристигнале на Гренланд.
Во случај на нужда, земјите од ЕУ би морале да ѝ помогнат на Данска
Портпаролка на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Кaja Калас, појасни: Во случај на вооружен конфликт околу Гренланд, Германија и другите земји од ЕУ би морале да ѝ укажат помош на Данска доколку таа го побара тоа.
Гренланд е дел од територијата на Кралството Данска и затоа во основа спаѓа под меѓусебната клаузула за солидарност од член 42, став 7 на ЕУ-договорот, изјави портпаролката за германската агенција ДПА. Истовремено нагласи дека моментално нема услови за примена на оваа одредба. Во принцип, воена конфронтација се смета за многу неверојатна, бидејќи најверојатно никој не би сакал да се соочи со најсилната воена сила во светот.
Руски амбасадор го обвинува НАТО за милитаризација на Арктикот
Рускиот амбасадор во Данска го обвинува НАТО дека сака воено да се засили на Арктикот, имајќи ги предвид американските барања за Гренланд. Земјите членки на НАТО, вклучувајќи ја и Данска, го користат застрашувањето со голема руска или кинеска закана за да го милитаризираат Арктикот, изјави Владимир Барбин за руската државна новинска агенција ТАС. Според него, Данска – како членка на НАТО – преку вовлекување на Алијансата во Арктикот следи конфронтативен пристап кој доведува до зголемени воени тензии во регионот.
Русија, со својата долга северна крајбрежна линија на Арктичкиот Океан, го смета Арктикот за своја сфера на интерес. Таа сè повеќе ги користи морските патишта во регионот и ја засилува својата воена присутност.
САД зборуваат за „продуктивна средба“
Кризната средба меѓу САД, Данска и Гренланд во средата не донесе решение за конфликтот околу американските аспирации за Гренланд. Според данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен, средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот Џеј Ди Венс открила „фундаментални“ разлики во ставовите.
Од друга страна, американската владина портпаролка Ливит ја нарече средбата „продуктивна“. Таа изјави дека било договорено формирање работна група која ќе води технички разговори за купувањето на Гренланд. Ливит додаде дека добила информација оти овие состаноци треба да се одржуваат на секои две до три недели.
DW




