Можноста за поместување на старосната граница за пензионирање станува повторно актуелна. Овојпат иницијативата доаѓа од страна на Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, којашто предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, којшто е доставен до Собранието на Северна Македонија, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и важи за мажите и жените.
Во документот е наведено дека се предлага намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21%.
Кога на тоа би се додало старењеето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружувано и со преференцата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ претставува посебен фискален ризик“, се наведува во мислењето од Фискалниот совет.
Буџетска дупка
Според Фискалниот совет, „определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на двапати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ПИОМ“. Поради тоа се посочува дека се потребни дополнителни мерки за одржување на пензискиот фонд, за намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот период.
Формирањето на фискалниот совет е предвидено за Законот за буџети од 2022 година. Ова тело, замислено како контрола на фискалната одржливост, има тројца членови предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија. Меѓу нив се академик Абдулменаф Беџети, професорката Мирјана Трпеска, а претседател на Советот е банкарот Глигор Бишев.
Левица: Нема да дозволиме од македонскиот работник да направат роб
На ваквиот предлог реагираат од партијата Левица. Според нив, владеењето на ДПМНЕ, СДС И ДУИ изминативе триесет години го доведе до крах на Фондот за пензиско осигурување. „Институцијата која обезбедуваше сигурна егзистенција на работниците години наназад се одржува со финансиски интервенции од државниот Буџет. За финансиските дупки кои се појавија во Фондот, изминативе триесет години ниту еден политичар на владејачката елита не поднел одговорност“, велат тие.
Левица порачува дека остро и недвосмислено ќе се спротивстави на мислењето на Фискалниот совет. „Македонија е социјална држава и нема да дозволиме ниту една институција или пак Владата предводена од ДПМНЕ или која било друга, од македонскиот работник да создаде робови на нивните капитали. Дрскоста на партиските паразити ухлебени во државните институции нема да го спречи народниот револт да ги исфрли од истите“, велат од партијата.
;Финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем, но од Владата тврдеа дека досега не била ставена на маса иницијатива за корекции на старосниот праг за пензионирање од 64 на 67 години за мажи и од 62 на 65 години за жени.
И првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ), Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада, која е надлежен орган. Тој е дециден дека пари за пензии ќе има, а дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се намалува.
Според податоците на ПИОСМ за исплата на пензиите догодина ќе се потрошат 2,195 милијарди евра, од кои 1,55 милијарда се очекува од придонесите што ги плаќаат вработените, а државната каса ќе помогне со 570 милиони евра.
ПИОСМ планира од 2,195 милијарди евра да исплати 105 милијарди денари, односно 1,7 милијарди евра по основ на пензии, а во вториот задолжителен пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари или околу 250 милиони евра. Од 18,8 проценти, колку што изнесуваат придонесите за пензиско и социјално осигурување кои ги уплаќаат осигурениците, 12,8% се наменети за исплата на пензиите, а 6% се уплаќаат во вториот столб.
DW