Во селото Постол во Егејска Македонија е роден македонскиот филолог и национален афирматор Крсте Петков Мисирков

На 18 ноември 1874 година во селото Постол, во Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков.

Тој е истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издавал на македонски јазик, весникот „Вардар. Умрел во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година.

Мисирков е кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и идеолог за единство на македонскиот народ со интелегенцијата. Тој е и автор на првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.

Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

Селото Постол – Ениџевардарско каде е роден Крсте Петков Мисирков се наоѓа во Егејска Македонија, недалеку од древната македонска престолнина Пела. Шест одделенија основно училиште завршил во родното место, слушајќи настава на грчки јазик и на таков начин го совладал туѓиот, наметнат јазик. Лошата материјална сoстојба на неговото семејство не му дозволила да го продолжи веднаш неговото образование. По неколкугодишна пауза, Мисирков се здобил со стипендија од српското друштво „Свети Сава“. Тоа биле првите закани за навлегување и на српската пропаганда во Македонија, преку инсталирање на разни стипендии за едуцирање на т.н. свој кадар како што веќе правеле грчката и бугарската пропаганда во Македонија.

Користејќи ја извесно време оваа стипендија, Крсте Петков Мисирков сфатил многу добро дека српската буржуазија ја започнала својата грда игра. Чувствувајќи ја денационализаторската политика, изразена преку дејноста на друштвото „Свети Сава“, Крсте Мисирков учествувал во немирите што ги пројавиле македонските стипендисти. Потоа со неколкумина свои едномисленици избегал од Белград во Софија. Тоа што го дочекало во Бугарија, речиси, по ништо не се разликувало од почувствуваниот режим во Србија.

За да го продолжат понормално своето образование во Софија, македонските студенти морале да се пишат како бугари за да не би биле малтретирани. Мисирков не го прифатил тоа. Тој повторно пребегнал во Србија, за да запише трет клас, но сепак тоа не му успеало. Во Белград, сакал или несакал, се запишал со прва година како семинарист на богословско-учителската школа, која имала своја посебна цел и тоа: македонските ученици да ги подготвува за српски свештеници и учители кои подоцна би се вклучиле на македонски терен за да го пропагираат српството. Овојпат македонските ученици го искажале своето незадоволство: тие кренале бунт, по кој училиштето било затворено, а македонските ученици биле испратени во внатрешноста на Србија. Така Мисирков се нашол во Шабац, каде завршил четврти клас гимназија.

Крсте Петков Мисирков, иако ја завршил гимназијата, сепак се решил повторно да се запише во друго средно училиште: белградската учителска школа, која целосно ја завршил во 1895 година. Во ова училиште Мисирков основал ученичка дружина и ја нарекол „Вардар“, со своја програма која членовите на дружината Неговите членови да се запознаат и да си изработат една програма, која ќе ја пропагираат во Македонја тајно од србската пропаганда. Членовите на дружината во извесна смисла ја продолжиле идејата на т.н. „Лозари“. Тоа за Мисирков претставувало почеток на организирана национално-политичка активност која ќе продолжи околу 30 години.

По завршувањето на учителската школа Мисирков се здобил со служба во Приштина. Но, наместо да се појави на своето работно место, Мисирков тајно се префрлил во Одеса. Таму не му го прифатиле и признале образованието. Така, Мисирков бил принуден да се запише во духовна семинарија во Полтава и дури по две години да започне со студирањето: отпрвин на медицинскиот факултет во Петродонски Словен.

Вклучувајќи се во петроградската студентска средина, Мисирков станал многу активен. Меѓу другото, напишал и еден реферат под наслов За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров, што го прочитал пред членовите на Имераторското руско географско друштво, а го објавил и во списанието „Живија старина“.

Во екот на најголемата борба за превласт на пропагандите во Македонија, Мисирков се вратил во својата Македонија, во родното село Постол. Тогаш и се запознал потемелно со македонското револуционерно движење. Во исто време собрал богат фолклорен и етнографско-топографски материјал што подоцна го објавил во своето списание „Вардар“.

При следното доаѓање во Петроград Мисирков станал член на Бугарското студентско друштво и со неколкумина истомисленици го основал Тајниот македонско-одрински комитет. Меѓутоа, Русија се наоѓала во еден предреволуционерен период и руската влада го затворила Петроградскиот универзитет. Поради тоа на Мисирков не му останало ништо друго, а и здравствено се почувствувал лошо, па заминал во Одеса.

Од тоа време датира студијата кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко, што била неговата дипломска работа. Во 1902 година, Мисирков го завршил факултетот во Петроград.
Во истата таа година, било основано и Македонското студентско другарство во руската престолнина. Во организирањето на ова друштво значаен придонес дал и самиот Мисирков.

Само една година подоцна ова научно-литературно другарство било преименувано и оттогаш дејствувало како Македонско научно-литературно друштво „Свети Климент“ . Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред се до руската влада , па и до владите на другите европски држави , да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.

 

denesen.mk