Вработените во Министерството за финансии протестираат пред Уставниот суд

Вработените во Министерството за финансии протестираа пред Уставниот суд во Скопје откако уставните судии неодамна донесоа времена мерка со којашто на вработените нема веќе да им се исплаќа дополнувањето на плата од 30 отсто, јавува Анадолу.

Вработените, организирани преку Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), побараа средба со претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, се пожали дека Уставниот суд ги одбил иницијативите за покачените плати на именуваните или избрани функционери, а веднаш била усвоена иницијативата за платите на вработените во Министерството за финансии.

Уставниот суд на седница на петти декември поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството за финансии и органите на државната управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.

Како што информираа од Уставниот суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.

Вработените предупредија дека доколку се донесе одлука со која нема да можат да го добиваат ова надополнување на плата, тоа ќе предизвика големо незадоволство. Според нив, има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, рече дека во овој случај е опфатена само една груба вработени, додавајќи дека тоа е спротивно на Уставот.

„Во конкретниот предмет, нарушено е владеењето на правото, една од темелните вредности согласно нашиот Устав. Таа категорија на вработени коишто добија, не додатоци, туку една категорија е спомната ‘надополнување на плати’, согласно Законот за буџет. Основно е дека истите, немаат утврдено такво право ниту во закон, ниту во колективен договор. Значи, на секој вработен треба да му биде утврдено правото во законот или во колективен договор, а не со Законот за буџет да се надополнува некој износ од плата. Членот 9 од Уставот вели дека граѓаните се еднакви согласно законите и Уставот, а овдека е опфатена само една група на вработени“, рече Кацарска.

извор: Анадолу.