Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека одлуката на Србите да ги напуштат институциите на Косово е историска, дека тој бил скептик по тоа прашање, но дека Србите во Косово, во големо мнозинство, се за тоа и дека се воодушевени од тој потег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ во интервју за ТВ Пинк, говорејќи за случувањата што претходеа на излегувањето на Србите од институциите на Косово, рече дека ноќта меѓу 29 и 30 јуни спречил „незапаметено крвопролевање“ на северот на Косово, бидејќи Србите подигнале барикади, а на припадниците на специјалните единици на косовската полиција им било наредено да ги срушат.
Тој рече дека Србите од северот на Косово тогаш, по 11 часа разговор, му рекле дека ќе ги отстранат барикадите бидејќи тој ги „молел“ и оценил дека „во Приштина нема крај на лудилото“ кое го поддржуваат „две големи сили“.
Истакна дека до тоа Србите да бидат „принудени“ да ги напуштат косовските институции довела потврдата дека нема да биде формирана Заедница на српски општини, најавата дека ќе биде продолжена пререгистрацијата од српски на косовски регистерски таблички и смена на директорот на косовската полиција на регионот Север, Ненад Ѓуриќ.
Говорејќи за најавите на косовскиот премиер Албин Курти дека ќе бидат одземани автомобилите што нема да имаат косовски регистарски таблички, Вучиќ рече дека земјите од Квинтата ја „заведуваат јавноста“ дека приштинските власти имаат право на тоа.
„Тие немаат никакво право да земаат таблички и возила на Србите. Припадниците на Квинтата не ја разбираат разликата меѓу регистарските таблички на РКС и КС. Косово не е држава“, наведе Вучиќ.
Тој оцени дека до смирување на ситуацијата на Косово ќе дојде доколку Американците бидат „фер и коректни, па КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово“.
Истакна дека се плаши дека работите ќе тргнат по патот кон катастрофа ако „Албанците почнат да ги вршат полициските работи“ на северот на Косово.
Вучиќ предупреди дека за Србија и Србите на Косово нема следен „чекор Б“ и додаде дека ги молел судиите и обвинителите да не ги напуштаат косовските институции веднаш.
Говорејќи за полицајците Срби кои ја напуштија косовската полиција, Вучиќ оцени дека ним не им било лесно да ги соблечат униформите, но дека тие повеќе не можеле да издржат и дека тоа е „автономна и автохтона одлука“ на српскиот народ.
Вучиќ наведе дека Приштина може да прогласи вонредна состојба, но истакна дека НАТО може да ги спречи, и дека се надева дека тоа ќе го направат.
Рече дека не мисли дека на Американците им е потребен судир на Косово, дека немаат причина за тоа и дека по тоа прашање се покоректни од некои европски земји.
Оцени дека САД секогаш ќе бидат на страната на своето „14-годишно дете“, односно Косово, и дека ќе го чуваат и бранат, но дека Американците знаат да кажат, „кога детето мисли да го удира соседот одеднаш“, дека соседот не е секогаш виновен.
Вучиќ рече дека некои на Запад велат дека „не сакаат Република Српска на Косово“ и праша дали не им чини Република Српска.
„Зошто ја мразите Република Српска? Затоа што ги мразите Србите. Дури и она што сами го креиравте во Дејтон го мразите. Мислат затоа што се големи и моќни можат да се изживуваат над нас. Кога ќе нè дотерате в ќоше тогаш веќе не можете да се изживувате со нас“, рече Вучиќ.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).