В петок по 25-ти пат ќе бидат отворени Зимските олимписки игри во Милано и Кортина

Новата арена за хокеј во Милано и новото лизгалиште во Кортина беа завршени токму на време. 25-тите Зимски олимписки игри може да започнат. Кортина д’Ампецо веќе втор пат е домаќин на Олимписките игри, првиот во 1956 година, односно пред 70 години, кога во зимскиот спортски центар во италијанските Доломити се одржа седмото издание на игрите.

Кои се клучните факти за Зимските олимписки игри 2026?
Зимските олимписки игри официјално ќе бидат отворени на 6 февруари на стадионот „Џузепе Меаца“ во Милано, попознат како Сан Сиро, каде што инаку играат традиционалните фудбалски клубови Интер и Милан. Арената има капацитет од 75 илјади гледачи. Првите натпревари, во карлинг, започнаа уште два дена пред официјалната церемонија, односно на 4 февруари. Вкупно околу 2.900 спортисти (47 проценти од нив жени) од повеќе од 90 земји ќе се натпреваруваат за вкупно 116 златни, сребрени и бронзени медали. Германија ја претставуваат 188 спортисти во зимските спортови, колку што земјата немала никогаш до сега. За прв пат олимписка дисциплина е и скијачко планинарење, а натпреварите во најголем дел се одвиваат на кружни патеки. Спортистите притоа се искачуваат по падината и од врвот потоа се спуштаат надолу. Натпреварите не се одржуваат само во Милано и Кортина, туку и во неколку добро познати зимски спортски центри.

• Милано (Хокеј, уметничко лизгање, трки во лизгање и на кратки патеки)

• Кортина д’Ампецо (Алпско скијање на жени, санкање, боб, скелетон и карлинг)

• Антхолц (Биатлон)

• Вал ди Фиеме (Скијачки скокови, нордиска комбинација, крос-кантри скијање)

• Ливињо (Скијање слободен стил, сноубординг)

• Бормио (Алпско скијање за мажи, скијачко планинарење)

Ова не се игри на кратки растојанија. Милано и Антхолц се 350 километри оддалечени.

Зимските олимписки игри 2026 ќе завршат на 22 февруари со церемонијата на затворање во античката арена во Верона, која собира повеќе од 12 илјади гледачи.

 

 

 

DW