Годинашната Галичка свадба, eден од најубавите културни настани во државата што ја обележуваат богатата македонска традиција, ќе биде најскапа досега, а ќе се одржува од 15 до 17 јули.
На фејсбук- профилот на Месната заедница Галичник веќе е објавен повикот за пријавување за зет и невеста, а сватовите, заедно со младенците и со присутните во Галичник, како што дознаваме, годинава ќе имаат можност да уживаат во концерт со песни во чест на легендарниот пејач и композитор на македонски народни песни, галичанецот Сариевски, во изведба на естрадни уметници.
Од Министерството за култура кое е традиционален поддржувач на оваа манифестација, која стана препознатлив македонски бренд, добиле 1,5 милиони денари за реализација, што е дупло повеќе од лани.