Германија: Дебата за враќање на бегалците во Сирија

Милиони Сиријци во изминатите години избегаа од теророт на Башар ал Асад, меѓу другото и во Германија. Во повеќе германски градови, Сиријците изминатиот викенд го прославија ненадејниот пад на режимот на Асад. Тие се надеваат дека ќе се вратат во татковината, но сѐ уште е нејасно во кој правец ќе се развива нивната земја. Исламистички борци се погрижија во Сирија да дојде до промена на власта, а можно е да ја преземат исламисти.

Во германската политика пак веќе се отвори дебата за враќање на Сиријците. Политичари од демохристијанската Унија бараат да се поддржи враќањето на бегалците назад. Потпретседателот на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, Јенс Шпан, за РТЛ и НТВ рече дека „како прв чекор би направиле една понуда, сојузната влада да рече дека за секој што сака да се врати во Сирија ќе дадеме 1000 евра стартна помош и ќе обезбедиме авиони“.

Како втор чекор Шпан предлага Германија заедно со Австрија, Турција и Јордан да организира „Конференција за реконструкција и враќање“. Ова се четирите земји кои примија најголем број од сириските бегалци.

Линднер за конференција за Сирија
Лидерот на Либералите, Кристијан Линднер, за Дојчландфунк изјави дека „ни е потребна меѓународна конференција за Сирија која може да ја иницира и Германија“. Сите учесници ќе може во тие рамки да размислат што може да се направи. Првиот чекор е да се поддржи стабилноста на Сирија, а потоа мора да се испита каков ќе биде ефектот од промената на власта врз политиката за азил во Германија.

Експертот за надворешна политика на ЦДУ, Јирген Хард, во утринскиот магазин на АРД и ЗДФ изјави дека верува оти „ќе има ре-евалуација на политичката ситуација во Сирија и на тоа кој може да бара заштита кај нас, а кој не“. Сè уште е рано за ваква проценка, оцени тој и дека тоа ќе треба да се реши во следните неколку недели. Тој смета дека на крајот многу бегалци и самите сакаат да се вратат во својата татковина.

СПД и Зелените креваат кочница
Катрин Геринг-Екард од Зелените сепак, предупредува од избрзани дебати за депортации. Таа за радиото РББ рече дека многу од сириските бегалци сакаат што побрзо да се вратат во својата татковина, но претставата дека Германија на пример истиот момент ќе ги врати назад децата што одат на училиште, доведува до голема неизвесност.

„Се разбира дека ако стане безбедна земја, луѓето ќе треба и ќе се вратат таму“, рече таа и додаде дека прво треба да се види како ќе се развива ситуацијата во Сирија.

И експертот за надворешна политика на СПД, Михаел Рот предупредува од еуфорија и посочува дека бунтовниците ги водат и исламистички групи на кои тој „не им верува“, како што рече за втората програма на германскиот јавен сервис. Тие за сега се претставуваат како умерени, но прашање е дали така и ќе остане. Барањата да се запре понатамошниот прием на сириски бегалци Рот ги оцени како популизам. „Можеби треба разумно да размислиме како луѓето да ги изведеме на патот, без разлика на изборната кампања“, рече тој.

Потпретседателката на пратеничката група на Унијата, Андреа Линдхолц (ЦСУ) во прилог на „Рајнише пост“ побара да се запре понатамошниот прием на сириски бегалци. „Во изминатите години ги надминавме нашите хуманитарни обврски“, рече таа. Ако во даден момент дојде до помирување во Сирија, многу Сиријци веќе нема да имаат потреба од заштита, а со тоа и основа за право на престој во Германија“, смета таа.

Можен е „историски пресврт“
Истражувачот на миграција, Гералд Кнаус, гледа можност за релаксација во бегалската ситуација. „Среднорочно, доколку се воспостави стабилност, ова може да биде историски пресврт за целата ситуација со бегалците, вклучително и во Европа“, рече тој за магазинот Штерн. „Сириските бегалци во соседните земји веднаш имаат шанса да видат дали е повторно безбедно во нивната татковина. Ако е така, бројот на барањата за азил во Германија и другите европски земји исто така ќе се намали“, вели тој.

Случувањата во Сирија би можеле да влијаат и на политиката во Германија. „Доколку бројот на сириски барања за азил брзо се намали во 2025 година, на екстремно опасните сили ќе им се тргне чергичето под нозете – тоа е АфД во Германија, ФПО во Австрија“, вели тој и додава дека затоа прашањето за стабилизација на Сирија мора да има „апсолутен приоритет“, вклучително и во однос на надворешнополитичките напори.

Друштвото за загрозени народи апелира до германската политика да не ги препуштаат луѓето во Сирија на нивната судбина. Сојузната влада сега треба „активно да се залага за транзицискиот процес“, смета референтот за Блискиот Исток, Камал Сидо. „Сѐ додека ова не е гарантирано, предупредуваме од предвремени повици за враќање на бегалците“, заклучува тој.

 

 

 

DW