Германија: Кабинетот на Мерц бара излез од кризата

Недоверба по изборот на судии
Иако Бундестагот сега избра тројца нови судии за Сојузниот уставен суд со потребното двотретинско мнозинство, тоа се случи дури во вториот обид. Во јули изборот пропадна, откако во конзервативната фракција на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) се појавија резерви кон кандидатката номинирана од СПД, Фрауке Брозиус-Герздорф.

Оттогаш, изборот се сметаше и за тест за функционалноста на коалицијата. Недовербата меѓу партнерите остана. И самиот Фридрих Мерц во мај беше избран за канцелар дури во вториот круг на гласање во парламентот. Тоа значи дека му недостасувале гласови во редовите на владините партии, што од самиот почеток создаде лоша атмосфера.

Оптоварен државен буџет
Во финансиската политика има низа спорни точки – почнувајќи од државниот буџет. Канцеларот Мерц разочара многу од своите гласачи кога со мнозинство од стариот состав на Бундестагот ја олабави „кочницата за задолжување“, која ја бранеше во изборната кампања.

Сега на располагање има огромни суми финансирани преку кредити за инвестиции во инфраструктура и одбрана. Но, прво, веродостојноста на Мерц кај неговите гласачи е нарушена, и второ, државата мора да плаќа растечки камати за дополнителните долгови, што ги ограничува расходите. ЦДУ и ЦСУ бараат штедење, додека СПД се залага за зголемување на приходите, односно за зголемување на даноците.

Даноци – нагоре или надолу?
Тука доаѓаме до класична точка на судир меѓу Унијата и социјалдемократите. СПД се залага за повисоко оданочување на големи имоти, наследства и приходи, за да ѝ обезбеди на државата повеќе приходи, но и од причини на социјална правда.

ЦДУ и ЦСУ ги отфрлаат речиси сите зголемувања на даноци како штетни за економијата, иако поединечни политичари од Унијата во последно време покажаа отвореност за компромис кај данокот на наследство. Се наѕира можен политички договор, каде СПД би направила отстапки на друго поле, на пример кај „граѓанскиот додаток“.

 

 

DW