Кризниот автомобилски самит денеска (четврток, 09.10.) е собир на висок профил на политичари, директори од автомобилската индустрија и синдикатите во Берлин и се одржува во услови на криза во браншата која се соочува со стагнација, масовни отпуштања и пречки во транзицијата кон електрични возила. Некогаш технолошки доминантни и престижни, компании како Фолксваген, БМВ и Мерцедес-Бенц сега заостануваат зад кинеската конкуренција во поглед на иновации на софтверот и воведување електрични возила. Кинески компании како BYD и Nio агресивно експандираат на европскиот пазар со понуда на поевтини, технолошки напредни електрични возила. Протекционистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп исто така нанесе удар врз доминантниот извозен сектор на Германија.
Мерц: да се одложи укинувањето на моторите со внатрешно согорување
Има индиции дека германската влада на состанокот со автомобилската индустрија подготвува одлучен одговор на ваквите предизвици. Канцеларот Фридрих Мерц веќе побара укинување на планираната забрана за продажба на нови автомобили со мотори на внатрешно согорување од страна на ЕУ која требаше да важи од 2035 година.
Меркатаутврдена пред три години, предвидува високи парични казни за производителите на автомобили кои нема да ги намалат емисиите на јаглероден диоксид. Германската ЦДУ мерката ја гледа како „присила“ за конкурентноста на автомобилските производители. Европската комисија актуелно ја разгледува забраната, додека автомобилската индустрија интензивно лобира. Мерц во понеделник за телевизијата НТВ изјави дека планираната забрана на ЕУ е „погрешна“ и додаде дека „не треба да забрануваме, туку да овозможуваме технологии и тоа е мојата цел“.
„На потрошувачите им е потребна прегледност“
Крег Мејли од институтот за истражување на пазарот Кокс Аутомотив за ДВ оцени дека Мерц ризикува да ја поткопа довербата во пресвртот во транспортот. „На потрошувачите им е потребна прегледност во оваа несигурна пазарна средина“, вели Мејли и додава дека „додека некои изразуваат загриженост дека рокот до 2035 година ги задушува иновациите, на клиентите им е потребна извесност дека изборот гласи електрична мобилност“. Сандер Тордоар, главен економист во Центарот за европски реформи од Лондон, вели дека тоа што Мерц ги брани моторите со согорување е споредна работа со оглед на многу поголемата закана со која се соочува германската автомобилска индустрија.
DW




