Рускиот претседател Владимир Путин го започна маратонскиот годишен настап зборувајќи со самодоверба за позицијата на Русија на бојното поле во нејзината војна против Украина и не даде никаков сигнал дека Москва е подготвена да направи значителни отстапки во име на мирот.
Настанот „Резултати од годината 2025“ на 19 декември, кој комбинираше прес-конференција со темелно проверени прашања од руски граѓани, се одржа во услови на дипломатски притисок од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за посредување во мирот речиси четири години откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
„Нашите војници напредуваат по целата линија на контакт. На некои места со побрзо темпо, на други побавно. Но, во сите правци непријателот се повлекува“, рече Путин само неколку минути по почетокот на телевизиското појавување во Москва, кое се следи во Русија и во странство за пораките за намерите на Кремљ.
Настанот со јано определено сценарио често трае неколку часа.
Путин во последните месеци постојано повторуваше дека Русија има предност во војната и ќе ги постигне своите цели. Немаше знаци за промена во неговите првични забелешки на внимателно кореографираниот настан, јасно насочен кон проектирање доверба кај гледачите во Русија, Украина, Европа, САД и светот.
„Сигурен сум дека до крајот на годината ќе видиме нови успеси“ на бојното поле“, рече Путин пред да се посвети на други прашања.
slobodnaevropa.mk




